Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска во Тирана учествува на министерскиот состанок посветен на конкурентноста и економската конвергенција на Западен Балкан, во рамки на Планот за раст на Европската Унија, со посебен фокус на иницијативата за забрзана интеграција во единствениот европски пазар (Single Market Highway).
На состанокот, чиј домаќин е министерката за економија и иновации на Албанија, Делина Ибрахимај, учествуваат министрите за економија од шесте земји од Западен Балкан и Керстин Јорна, генерална директорка на Генералниот директорат за внатрешен пазар, индустрија, претприемништво и мали и средни претпријатија (DG GROW) при Европската комисија.
Во своето обраќање, министерот Дурмиши ја истакна важноста на регионалната соработка, индустриската трансформација и интеграцијата на домашните компании во европските синџири на вредност, како предуслови за одржлив економски раст и создавање поквалитетни работни места.
„Нашата амбиција треба да биде Западен Балкан да не се позиционира само како регион што нуди конкурентни производствени трошоци, туку како доверлив, иновативен и технолошки способен партнер во европските индустриски и синџири на снабдување“, истакна министерот Дурмиши.
Министерот нагласи дека Северна Македонија е насочена кон премин од модел на економски раст базиран првенствено на ниски трошоци за работна сила и странски директни инвестиции, кон попродуктивна, иновативна, технолошки развиена и конкурентна економија.
Дурмиши најави дека во наредниот период ќе започне процесот на изработка на нова Индустриска стратегија, која ќе биде усогласена со најновите стратешки документи и иницијативи на Европската Унија, вклучително и Компасот за конкурентност и Договорот за чиста индустрија.
Тој посочи дека преработувачката индустрија има клучна улога во македонската економија. Во 2025 година таа учествувала со 14,4 проценти во бруто-домашниот производ, 19,6 проценти во вработеноста и 84 проценти во вкупниот извоз на земјата.
Како приоритетни сектори за продлабочување на соработката со Европската Унија, министерот ги издвои автомобилската индустрија и електромобилноста, електротехничката и машинската индустрија, информатичко-комуникациските технологии, обновливите извори на енергија, прехранбената индустрија и напредното производство.
„Европската интеграција е моќен инструмент за економска трансформација. Постепеното интегрирање во единствениот европски пазар, усвојувањето на европските стандарди и пристапот до европските програми можат да ја зајакнат конкурентноста и да создадат нови можности за нашите компании“, нагласи Дурмиши.
Во рамки на дискусијата, министерот ја истакна и потребата од подобро искористување на европските финансиски инструменти за поддршка на малите и средните претпријатија, индустриската модернизација, автоматизацијата, иновациите, енергетската ефикасност и декарбонизацијата.
Дурмиши посочи дека иницијативата Single Market Highway треба да прерасне во практичен механизам за поврзување на домашните компании со европските производители, привлекување нови инвестиции, трансфер на технологии и отстранување на техничките бариери за пристап до европскиот пазар.
„Конкурентноста на секоја од економиите на Западен Балкан е сè повеќе поврзана со конкурентноста на регионот во целина. Регионалната соработка и европската интеграција не треба да ги гледаме како одделни процеси, туку како процеси што меѓусебно се надополнуваат и зајакнуваат“, заклучи министерот Дурмиши.
фото Министерството за Економија