Гасниот интерконектор со Грција треба да обезбеди посигурно и поразновидно снабдување, а со тоа и услови за натамошно ширење на употребата на природен гас во Северна Македонија. Достапноста за домаќинствата ќе зависи и од развојот на локалната дистрибутивна инфраструктура.
Министерството за енергетика, го опишува интерконекторот како важен предуслов за понатамошната гасификација. Според Министерството, сигурното снабдување создава услови за постепено проширување на дистрибутивната мрежа и приклучување повеќе домаќинства и компании.
Министерството исто така наведува дека процесот ќе се одвива во фази, во согласност со развојот на локалната инфраструктура. Тоа значи дека завршувањето на прекуграничната врска и можноста конкретно домаќинство да добие гасен приклучок се различни чекори.
Регулаторната комисија за енергетика во својот извештај за 2025 година одделно ги обработува преносот и дистрибуцијата на природен гас. Во него се евидентирани дистрибутивни системи во Куманово, Струмица и во технолошко-индустриските зони Скопје 1 и Скопје 2. Интерконекторот треба да го прошири пристапот на земјата до извори на гас, додека локалните мрежи го овозможуваат неговото доставување до корисниците.
Очекуваниот бенефит од владината инвестиција е земјата да добие дополнителен пристап до гас, што може да поддржи поширока употреба во стопанството и во домаќинствата. Сепак министерството, нема датум за приклучување на сите домаќинства.