Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција обвини дека по речиси две години власт на ВМРО и Мицкоски, граѓаните живеат потешко, а економската состојба во државата е сериозно влошена.
„Се поставува прашањето дали граѓаните сега, после скоро две години од владата на Христијан Мицковски живеат подобро. Одговорот е не. Со празни џебови, со празни фрижидери, со секојдневна борба да се преживее од први до први“, рече Филипче.
Тој посочи дека, владата нема резултати ниту во економијата, ниту во животниот стандард на граѓаните.
„Две години од владата, нема напредок на ниту едно поле, а најголемо потфрлање има во економијата и во животниот стандард. Со Мицковски на власт се случува економска катастрофа“, кажа Филипче.
Филипче обвини дека граѓаните се соочуваат со ниски приходи и недостаток на мерки за заштита од кризата.
„Нема пари за поголеми плати и пензии, нема пари за зголемување на минималната плата на 600 евра. Нема никакви мерки да се заштитат граѓаните во услови на криза, а
синдикалната кошничка достигнува речиси 69 000 денари. Околу 160 000 работници земаат плата до 30 000 денари и тоа едноставно недоволно да се надмине прагот на сиромаштијата“, потенцираше Филипче.
Претседателот на СДСМ оцени дека економските показатели се загрижувачки.
„Сиромаштијата расте. Инфлацијата достигна 5,7%. Новите поскапувања на горивата едноставно доведоа да поскапе сè друго. Едноставно нема еден сегмент во економијата којшто е добар“, рече Филипче.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...