Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши предводи државно–црковна делегација во посетата на Ватикан по повод традиционалната манифестација „Во чест на Свети Кирил“.
Делегацијата предводена од Гаши која присуствуваше на Аудиенција кај папата е во состав: координатори на пратеничките Никола Мицевски, Оливер Спасовски, Беким Ќоку; Зоран Љутков, министер за култура; Марина Димовска, генерална секретарка на Собранието; Негово Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски, Господин Господин Стефан; Митриполит на Европска епархија, Пимен Митрополит Дебарско-Кичевски Г. Георгиј и Отец протојереј ставрофор д-р Зоран Стојанов, претставник од католичка црква.
За време на аудиенцијата, претседателот Гаши упати искрени честитки по повод годишнината од изборот на Папата Лав XIV и ја истакна посветеноста на Република Северна Македонија за продлабочување на традиционалните и пријателски односи со Светата Столица. На средбата беа реафирмирани историските и духовните врски меѓу двете земји, изградени врз наследството на Светите Кирил и Методиј и универзалната фигура на Мајка Тереза.
За време на средбата беше нагласено и значењето на промовирањето на мирот, толеранцијата, дијалогот и меѓусебното разбирање меѓу народите и религиите, како универзални вредности што придонесуваат за стабилноста, солидарноста и соживотот во Европа и пошироко. Во тој контекст, претседателот Гаши подвлече дека Република Северна Македонија останува пример за меѓуетнички, мултикултурен и меѓурелигиски соживот, со длабока почит кон верските слободи и конструктивната улога на верските заедници во општеството.
Во рамки на програмата, претседателот на Собранието оствари и средба со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин, на која се разговараше за унапредување на билатералната соработка, развојот на институционалниот дијалог и можностите за проширување на соработката во областа на културата, образованието, архивистиката и зачувувањето на културното и духовното наследство.

По средбите во Ватикан, делегацијата ја посети Базиликата „Свети Петар“.
На Папата Лав XIV му беше врачен подарок „Пердув/Перо“ – скулптура од прилепски мермер изработена од скулпторот Андреј Митевски кој ја пренесува пораката дека пердувот – симбол за слобода, спиртуалност, поврзаност со возвишеното, здружените пердуви ги редефинираат законите на физиката овозможувајќи му на и моќниот орел да ги достигне незамисливите врвови. Од пердувот се раѓа перото – растот на човечкиот ум, го развива просветителството, ја шири писменоста. Од најостриот ум се раѓа најмекото и исконското – зборот, најмоќното оружје и најсилниот лек за душата. Како личен подарок на Папата му беше врачен Кавал од мајсторот Бобан Анакиев. Кавалот е еден од најпрепознатливите симболи на традицијата во Република Северна Македонија, инструмент чиј звук со векови ја раскажува приказната за животот, природата и духот на луѓето. Неговата мелодија е тивка, длабока и искрена – звук што допира до секого, без разлика на јазикот, верата или етничката припадност. Звукот на кавалот, иако тивок, секогаш е силен потсетник дека вистинските врски меѓу луѓето се создаваат преку културата, уметноста и човечноста.
На државниот секретар Пјетро Паролин му беше врачен мозаик со мотив на паун – застапен во Базиликите на Стоби и Хераклеа, а денес на монетите во Македонија. Паунот е симбол на духовна вредност, воскресението, бесмртноста, вечниот живот, но и на надежта, обновивањето и светлината.
Програмата завршува со концерт во организација на Министерството за култура, на кој ќе настапи квартетот Консонанс.

фото Собрание на Република Северна Македонија
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...