Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека денес е предвидено да се реализира третиот лет од Обединетите Арапски Емирати, што воедно претставува петти организиран лет за евакуација на македонските државјани од погодените земји од Блискиот Исток. Претходно беа реализирани и летови од Шарм Ел Шеик и Ријад.
Согласно информациите, летот е предвидено да полета во 16:00 часот по локално време и да слета во 20:10 часот на Меѓународниот аеродром во Скопје. До овој момент се пријавени вкупно 147 патници, од кои 119 се македонски државјани, а 28 се странски државјани.
Со реализацијата на денешниот лет, вкупниот број евакуирани македонски државјани ќе достигне 605.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија нагласува дека безбедноста на граѓаните е највисок приоритет, што се потврдува и со фактот дека евакуацијата на сите македонски државјани кои изразија интерес за враќање во земјата е целосно завршена.
Воедно информираме дека дежурниот СОС телефонски број, како и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму остануваат на располагање на македонските граѓани.
