Владата, на денешната 22. седница, ја разгледа и усвои информацијата за креирање на Националната развојна стратегија 2022 – 2042 и ја усвои и методолошката рамка на Националната развојна стратегија 2022 – 2042 предложена во првата фаза на проектот.

Националната развојна стратегија 2022 – 2042 има цел да обезбеди долгорочна визија и патоказ за економскиот, социјалниот, културниот и за еколошкиот развој на Република Северна Македонија.

Од Владата објаснуваат дека Националната развојна стратегија ќе се креира преку широк инклузивен процес, во кој ќе бидат консултирани сите засегнати страни во државата вклучувајќи ги директно и граѓаните, со цел конечниот документ за визијата и иднината на Република Северна Македонија да биде консензуален и натпартиски, како и генерациски, меѓуетнички, родово и социјално сеопфатен.

Додаваат дека примарен фокус на Националната развојна стратегија е отворање можности, но и создавање капацитети и отпорност на општеството за справување со зголемената несигурност и ризици во светски рамки, како и за справување со глобалните трендови, како што се климатските промени и дигиталната трансформација.

Процесот на создавање на Националната развојна стратегија (НРС) 2022 – 2042 почна во јануари 2021 година со дизајнирање методолошка рамка, која го утврди начинот на подготвување нa стратегијата, нејзината имплементација, како и механизмите за следење на успешноста на спроведувањето. Втората фаза на проектот ќе се фокусира на самата изработка на Стратегијата и на операционализација на моделите за нејзино спроведување.

Владата ги задолжи замениците на претседателот на Владата и министерот за финансии да го координираат процесот за подготовка на Националната развојна стратегија 2022 – 2042 во рамките на втората фаза од проектот и на секои 6 месеци, а по потреба и почесто, да ја известуваат Владата на Република Северна Македонија за напредокот на проектот.