Обраќање на премиерот Зоран Заев по повод Денот на народното востание:

Нека е честит и вековит 11 Октомври – Денот на народното востание.

Вечно нека трае споменот и одбележувањето на слободарското и државотворно востание со кое во меѓународната заедница на народите беше впишана државата Народна Федерална Република Македонија.

Ние денеска длабоко се поклонуваме пред овој историски чин.

На овој ден 16-мина младинци, партизани од Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“, го нападнаа полицискиот участок на тогашните фашистички окупаторски сили и ги прекинаа телефонските и електричните врски со градот.

Овие млади луѓе, заедно со нивните другари од Куманово презедоа храбри акции со кои го означија почетокот на сенародната борба за слобода и човечки правдини.

Овие млади луѓе не се штедеа себеси – ниту својата младост, ниту своите животи.

Останаа записите на тогашниот окупаторски воен суд во кој е запишано дека напаѓачите располагале со околу дваесет пушки и со неколку бомби. Со 300 до 400 куршуми, со леб и со други намирници.

Ете тоа е запишано во прецизните судски записи, но, не е запишано најсилното оружје кое што го поседувале овие грст млади луѓе: Силниот порив, силната волја и одлучност, да се кренат против фашистичките окупаторски војски. Да го продолжат државотворното дело на сите претходни генерации кои ја сонуваа самостојната македонска држава.

Сопствениот живот го направија оружје за таа идеја, затоа што знаеја, затоа што видоа, затоа што препознаа, дека слободата, правдината и државата се на чекор до остварување.

Затоа што го почувствуваа силно во своите срца, повикот на нивните слободољубиви претходници, учители, преродбеници, револуционери, гемиџии и државотворци, дека нивната генерација е предодредена да го дочека раѓањето на новото сонце на слободата.

На крилата на тие дела, на илјадниците животи и на нивните завети се крена народно-ослободителната борба, се организираше партизанското движење и народниот отпор.

Во име на должната почит, инспирација и восхит за нивните револуциоанерни и слободарскки дела, нашите ослободители од народно-ослободителната војна ги именуваа партизански одреди со имињата на Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Јане Сандански.

Ги опеваа нивните имиња во борбената песна „Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата“ и го вееја знамето на Крушевската Република за ослободување на Македонија, за создавање на државата и за изградба на општество достојно на вредностите на прогресивните, демократски, антифашистички сојузнички сили на епохата.

Тоа е Епохата од која 11 Октомври – Денот на народното востание, е врежан со златни букви во колективната меморија на нашиот народ.

Големо дело. Дело кое ги вивна вековната борба и стремеж на македонскиот народ за своја самостојна држава. Дело кое израсна врз рушевините и погромот на ужасите на Втората светска војна, и дело кое ја создаде државноста на нашата земја преку победата над фашизмот. Заедничката победа на прогресивните народи на Европа и Светот.

За сето ова беше поднесена огромна жртва. Втората светска војна на нашата територија заврши со околу 25.000 загинати борци и други жртви. 

Вечна им слава, почит и поклонение!

Почитувани,

Празниците се моменти кога секоја генерација што ги слави треба да се запраша дали со секоја измината година правиме подобра држава, поубаво место за живеење.

Македонскиот народ никогаш не окупирал и не земал туѓо. Нашите големци и дејци од минатото ги паметиме по големите косполитиски идеи кои ги надминуваат границите на националното. Нашата борба секогаш била само да се биде свој на своето и да се подава рака, да се трага по заедништво. Стремеж за држава на сите и за сите, пријател со сите.

Нашите борци од народно-ослободителната војна, и сите наши претходни генерации, оние што ги вградија своите дела и животи во слободата, ни ја дадоа државата како дом за сите, како дом на слободата.

Поради храбрите борци на НОБ, сега стоиме тука горди, со кренати глави чувајќи го аманетот на нашите државотворци. Аманет поради кој денес, – сите ние – Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други, имаме патриотска должност секогаш да бидеме обединети во негувањето на нашето праведно општество.  

Општество на еднакви можности, општество на правда, одговорност и еднаквост – Едно општество за сите!

Празнувањето на големите датуми, оддавањето чест на сите наши претходници вградени во државноста и во слободата, е само еден дел од нашата должност кон нашето достојно минато.

Така ќе биде и со нашите заслуги.

Нашиот патриотизам, идните генерации ќе го слават само ако им дадеме повеќе причини за тоа. Како што нам, причини за славје ни даде генерацијата борци од антифашистичката и народноослободителната борба.

Почитувани,

Годинава одбележувме уште еден голем јубилеј – 30 години независност.

Денес, Република Северна Македонија е меѓународно призната држава со сопствена  армија, со државна валута и со сите постулати на државност.  Држава со сите нишани!

Нашето место во Обединетите Нации е кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет.

Македонскиот јазикот се користи слободно секаде во сите меѓународни институции, активности и настани.

Уште во самиот почеток на независноста граѓаните недвосмислено го посочија патот по кој треба да се движи македонската државност. Тоа е патот на прогресивните демократии, европскиот пат, патот кон демократските вредности.

Одбележувањето на овие важни денови е најсилниот потсетник за начелата и вредностите, кои никогаш не смееме да се заборават, но и за патот по кој треба да продолжиме.

Почитувани,

Покажавме дека знаеме и дека имаме волја да ги решаваме горливите проблеми. Преку отворен пристап воспоставивме соработка со сите наши соседи и ја стекнавме нивната доверба. Градиме партнерски однос со сите држави од соседството – Бугарија, Србија, Косово, Албанија и Грција, со коишто секојдневно заедно соработуваме на сите полиња.

Со упорност и одважност ги постигнавме  Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција.

Тоа беа крупни, храбри чекори за да потврдиме дека нашата земја била, и секогаш ќе биде Европа.

Дезинформираа дека наводно сме го бришеле АСНОМ од нашата историја, од нашиот Устав.

Никогаш, по никоја цена! Не само што не се избриша во Преамбулата на Уставот, туку напротив, АСНОМ сега се спомнува и вреднува уште повеќе. Уште посилно го зацврстивме местото и значењето на АСНОМ во државно-правната традиција на нашата земја. Се зборувало ли повеќе, било кога, за македонскиот јазик. Посветивме и Ден, празник на македонскиот јазик, тоа 5 Мај.

Ни се исполнија градите со гордост кога на јарболот пред седиштето на НАТО, се издигна македонското знаме  и кога беше интонирана македонската химна.

Со тој чин, химната, грбот и знамето останаа засекогаш во кодот на македонскиот идентитет. Исто како и нашата територија, јазикот, именувањето на народот со сите атрибути, со својата историја, култура и наследство. Македонски. Засекогаш.

Ја отворивме заробената држава. Се ослободивме од отровите на национализмот и од заблудите на режимското владеење. Северна Македонија се отвори кон светот и направи пробив на меѓународен план кој го препознаа сите напредни демократии и ни ги доделија сите заслужени признанија.

Благодарение на сето ова се реализираше една од нашите најважни стратешки цели за државата, полноправното членство во НАТО.  Цел зацртана со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година, која секогаш имала широк натпартиски и меѓуетнички консензус. 

Од држава оставена на маргините денес сме дел од моќното НАТО семејство. Нашата држава стана фактор на стабилност во регионот. Не прогласуваат за најбезбедна држава на Западен Балкан, со најтранспарентна Влада. Тоа го велат другите за нас.

Во друштво на сојузниците, како партнер кој со најмоќните држави во светот учествува еднакво со свој придонес за мирот и безбедноста во светот, Северна Македонија никогаш повеќе нема да биде ниту ставена под прашалник, ниту изолирана од светот.

Презедовме чекори, донесовме политички одлуки за да им докажеме на последните скептици дека Северна Македонија треба да биде новата ѕвезда во европското соѕвездие.

Дека го заслужуваме тоа место и дека ќе го добиеме.

Никој нема забелешки на нашите реформи. Напротив, препознаени се и пофалени. Покажавме капацитет дома постојано да ги имплементираме европските вредности. Овој развој на државата е неопходен пред сè за сите нас овде во Северна Македонија.

За жал нашето столче во Европската Унија сè уште не е поставено. Сега од Брисел и особено од Софија очекуваме реално да покажат дека европските вредности и принципи за проширување се сѐ уште стратешка цел. Дека процесот на проширување на Западниот Балкан е жив. Дека гледаат напред, исто како што македонскиот народ гледа напред. Тоа е европски поглед.

Нашиот глас е силен и далеку се слуша кога укажуваме дека секое натамошно одложување на почетокот на преговорите ги потхранува и храбри ретроградните сили во земјата и регионот. Укажуваме дека е опасно на тие сили, кои се противници на европското единство и европските вредности, да им се даде и најмала шанса.

Денес нашата држава е ценет и посакуван партнер. Успешна приказна која започна да ја менува приказната на Балканот. Северна Македонија е препознаена и како инспиратор на еден нов Балкан.

Балкан втемелен на пријателство и соработка, без предрасуди и анимозитети, достоен за 21-от век. Отворен Балкан на заедничката регионална политика и партнерство.

Почитувани сограѓани,

Многу е важно да се биде дел од историјата што ќе се памети. Што ќе биде инспирација и ќе биде поттик за нови успеси за секоја идна генерација.

Оваа генерација избра да ја обезбеди иднината на Северна Македонија како членка на НАТО и да ја оствари нашата следна стратешка цел –  да бидеме членка на ЕУ.

Овие две стратешки определби се само логични чекори за создавање просперитетна иднина за сите наши граѓани и посебно за младите. Да ги стимулираат младите токму тука, во нашата земја, во својата општина, да градат своја, подобра и побогата иднина.

Дома да ја реализираат сопствената економска благосостојба и напредок на личниот живот, но и да овозможиме квалитетен заеднички живот и социјална правда во нашето општество.

Затоа, за нашиот историски предизвик, повикувам секој од нас да го  даде својот придонес . Сите заедно да оставиме длабоки траги на тој пат.

За остварување на оваа цел имаме на кого да се угледаме, и тоа го правиме денеска кога се сеќаваме и им се поклонуваме на сите оние кои никогаш не се запрашаа за цената на слободата, правдата и социјалната еднаквост.

На сите оние кои ни оставија аманет да се обединиме околу овие вредности и да ги надминеме поделбите. Да го зајакнеме заедништвото коешто како завет нѝ е оставено со Крушевскиот манифест, со народно-ослободителната антифашистичка војна и со АСНОМ, и со референдумот за независност.  

Нека ни е честит и вековит 11 Октомври – Денот на народното востание!

Нека ни е честита 80 годишнината од историскиот чин што ни ја донесе државноста, слободата и независноста.

Да ни биде вековита Република Северна Македонија!

Да живее слободата.