Со своето неработење и неспособност градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ го уназадија Град Скопје, истакна на прес-конференција Васко Кичевски, претседател на Градска огранизација на СДСМ – Скопје.

„Една и пол година во Градот и во општините под раководство на ВМРО-ДПМНЕ нема реализација на ниту еден важен, капитален проект.
Но затоа има задолжување на општините и трошење на стотици илјади евра годишно за вработување на партиски кадри низ општините и јавните претпријатија. Нема ништо од новите мега паркови, не се исчистија ниту постоечките диви депонии, но затоа нови диви депонии никнуваат во секоја скопска населба“, оценува тој.

И постоечкото зеленило, додава, е на удар на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ а последен пример за тоа е Деталниот урбанистички план на ВМРО-ДПМНЕ и Тимчо Муцунски за населба Лисиче со кој треба да се градат десетина висококатници во оваа населба.

Според него, градоначалничката од ВМРО-ДПМНЕ на Град Скопје, Данела Арсовска е најнеуспешниот градоначалник на градот.

„Поради нејзината неспособност и поради кавгите за медот со ВМРО-ДПМНЕ Скопје денес нема функционален јавен превоз. Приватните превозници се уште не возат, нема набавка на нови автобуси, а Арсовска за една и пол година смени дури тројца директори на ЈСП Скопје. Намерно не се реализираат ниту бројни започнати проекти како реконструкцијата на Универзална сала, изградбата на мостот на АСНОМ, улицата Есенинова“, вели Кичевски.

„Неработење, игнорирање на потребите на граѓаните и уназадување на општините, тоа е резимето од една и пол година локална власт на ВМРО-ДПМНЕ“, дополнува претседателот на Градска огранизација на СДСМ – Скопје.