Тимчо Муцунски и Данела Арсовска ветуваа зголемување на зеленилото во Аеродром и Скопје, а делата покажуваат сосема спротивна состојба на терен. На улицата Васко Карангелески повторно се сечат високостеблести зелени дрвја, обвини Виктор Ѓошев од СДММ.

„За потсетување, пред локалните избори, и Муцунски и Арсовска, но и ВМРО-ДПМНЕ и Левицата, ветуваа дека ќе се спротивставуваат на секоја сеча на дрва во градот и општината. Ветуваа дека, ако треба, и со жив штит ќе ги бранат дрвјата на улицата Васко Карангелески.

Повторно прашуваме каде беше градоначалникот Муцунски да го штити зеленилото како што ветуваше токму од овде пред локалните избори? Зошто свесно ги лажеше граѓаните дека нема да се сечат овие дрвја? Исто како и Муцунски, и Арсовска пред локалните избори ветуваше дека нема на ниту едно место во градот повеќе да се сечат дрвја и дека на тоа остро ќе се спротивставувала. Каде беше вчера и градоначалничката Арсовска да ја запре сечата?

Додека безмилосно се сечат дрвјата на улицата Васко Карангелески, од најавените 100.000 квадратни метри парковско зеленило (на потегот од паркот кај последна „петка“ сè до паркот „Авион“) нема ни трага ни глас. Лажните ветувања со кои Муцунски и Арсовска ги добија изборите, сега се прочитани од граѓаните. Муцунски и Арсовска ја изиграа нивната доверба и за тоа мора да одговараат.

Нивните лаги веќе не проаѓаат. На следните избори граѓаните ќе ја испорачаат казната за ваквото однесување. Муцунски и Арсовска за Аеродром и Скопје – никогаш повеќе!“, порача Ѓошев.