Јавното претпријатие за државни патишта ги известува корисниците на услугите на наплатните станици дека согласно со оперативните измени во функционирањето на системот за наплата, почнувајќи од 15.06.2026 година, на наплатните станици (патарините) лентите означени за MTAG ќе бидат наменети ИСКЛУЧИВО ЗА КОРИСТЕЊЕ ОД СТРАНА НА КОРИСНИЦИ СО ЕЛЕКТРОНСКИ ТАГОВИ.

Со наведената измена, вршењето на наплата со MCard на овие ленти се укинува. Корисниците кои користат MCard ќе ја реализираат наплатата на останатите достапни ленти на наплатната станица, согласно со нивната намена.

ЈПДП укажува и апелира до корисниците на строго почитување на вертикалната и хоризонталната сигнализација, како и на информативните електронски табли поставени пред и на самите наплатни станици, каде е извршена јасна категоризација на лентите по вид на плаќање:

• електронска наплата (MTAG / MCARD)
• готовинско плаќање (CASH)
Воедно, за непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, корисниците се должни да ја следат сигнализацијата за статусот на лентите:
• зелена стрелка – означува активна (отворена) лента
• црвен икс (X) – означува затворена лента

Непочитувањето на означувањето и намената на лентите може да предизвика застои во сообраќајот и да влијае врз безбедноста и ефикасноста на сообраќајот.

Ова известување се објавува со цел благовремено информирање и прилагодување на корисниците кон измените во системот за наплата.