На 72.Годишна сесија на Парламентарното собрание на НАТО, која се одржа од 20 до 23 ноември 2026 во Берлин, СР Германија, учествуваше Делегација од Собранието на Република Северна Македонија во состав: Драган Ковачки, шеф на Делегација и пратениците Славјанка Петровска, член и Илир Хасани, заменик-член на Делегацијата.

На пленарната седница и претходеше одржување на постојаните комитети на чии дневен ред се разгледаа и усвоија повеќе предлог-извештаи, како и пет предлог-резолуции кои беа усвоени на пленарната сесија. Парламентарците ја потврдија нивната силна поддршка на Украина и потребата за воена, финансиска и хуманитарна помош, како и правото за легитимна само-одбрана, согласно принципите на Обединетите нации. Истовремено, беше поддржана актуелната адаптација на НАТО согласно новите стратешки предизвици, со апел до земјите наредните години да ги зголемат трошоците за одбраната со тенденција на раст до 5% од БДП, за подобар придонес кон колективната одбрана.

Годишната сесија свечено ја отворија Претседателот на ПС НАТО, Маркос Перестрело, Јохан Вадепфул, Федерален министер за одбрана, Марк Руте, Генерален секретар на НАТО, а пред пратениците се обрати министерот за одбрана на Украина, Јевгени Кмара. Преку видео врска обраќање имаше и Украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Министерот Вадепфул ја истакна солидарноста меѓу НАТО сојузниците како важен столб на Алијансата во обезбедувањето мир и стабилност, како и поддршката за Украина која мора да продолжи со несмалено темпо. Повика на воспоставување мир веднаш, со искористување на сите дипломатски средства и заедничко учество на преговарачката маса на завојуваните страни и високите посредници од САД, Обединетото Кралство и ЕУ.

Претседателот Зеленски се осврна на актуелната состојба во земјата и воената состојба, акцентирајќи го фактот што Украина, уште пред да започне војната, всушност се наоѓаше надвор не само од НАТО, туку и од било која европска безбедносна структура. Војната само ја покажа фрагилноста на Европа во територијален поглед и неопходноста од безбедносната компактност. Војната истовремено ги наруши начелата на меѓународно признати граници и правото на секоја земја да живее слободно и да стапува во меѓународни сојузи по своја волја. Завршувањето на оваа војна треба да биде трајно, не само пауза пред нова ескалација. Безбедносните гаранции треба да донесат вистинска и реална сигурност за Украина, за Европа, соседи на Русија, целата НАТО алијанса.

Генералниот секретар Марк Руте истакна дека НАТО секогаш ќе биде одбрамбена алијанса, а кога треба да се заштитат сојузниците, секогаш ќе настапува превентивно. Само преку тимска работа, солидарност и заедништво може да се постигне формулата за успех, на секој план. Во актуелната безбедносна архитектура, мора да се преземе силна акција во драматично зголемено вложување во одбраната и воените капацитети и особено во индустријата која мора да биде подготовена да ги пресретне амбициите на НАТО. Истакна дека во Анкара сојузниците демонстрираа прогрес во одбрамбената сфера, а сега е повеќе од потребно фокусот да се задржи на планот за зголемените трошоци за одбраната. Сојузниците ќе посветат соодветно внимание на зајакнување на сигурноста на нашите граѓани и на заштита на енергетската структура и на критичната инфраструктура.

Во отворената дискусија, парламентарците ги покренаа прашањата за актуелната состојба на Источното крило на НАТО, сигурноста на Балтикот, континуираните инциденти на Црното море и падот на дронови во Полска од Руска територија, како и за одговорот и подготвеноста на НАТО да возврати на овие реални закани.

На Пленарната сесија се избра ново раководство на ПС на НАТО. За претседател на Парламентарното собрание беше избран Конгресменот Брендан Бојл (САД), додека за 5-те потпретседатели на Собранието беа избрани: Никола Каре  (Италија), Фериал Кларк (Обединето Кралство), Томас Гродзки (Полска), Марото Хавиер (Шпанија) и Томас Валасек (Словачка Република).

Во работата на комитетите активно учествуваа сите членови на Делегацијата. Беа разгледани предлозите на повеќе извештаи кои ги обработуваат актуелните теми фокусирани во 4-те главни приоритети на ПС НАТО за тековната и следната година: овозможување квантен скок во колективната одбрана; поддршка на Украина во обезбедувањето слободна, суверена и просперитетна иднина; заштита на стратешките ресурси на Алијансата, вклучително и нејзините демократии; како и вложување во партнерства и соработка со надворешни партнери. Пратениците констатираа дека приоритетните активности, извештаите, мисиите и парламентарните размени на Собранието помогнаа да се продлабочи разбирањето за новите безбедносни предизвици, да се разменат најдобри практики со законодавните тела на сојузниците и партнерите, како и да се идентификуваат практични политички и законодавни одговори за зајакнување на трансатлантската безбедност.

Комитетот за демократија и безбедност се осврна на сеопфатната безбедност преку извештај во кој се разгледува како да се зајакне отпорноста на целото општество. Фокусот е ставен на стратегиите, правните рамки и вклученоста на јавноста, кои се неопходни за општествата на сојузничките земји подобро да се спротивстават на нарушувањата и да закрепнат од нив, како и да ги поддржат и одржат воените операции кога тоа е потребно.

Комитетот за одбрана и безбедност истражуваше како да се зајакне индустриската база на сојузничките сили за одбрана, нагласувајќи ја улогата што парламентите можат да ја играат во отстранувањето на пречките и промовирањето на иновациите и брзото усвојување.

Комитетот за економија и безбедност го испита економското влијание од зголемувањето на трошоците за одбрана, фокусирајќи се на тоа како да се искористат овие инвестиции за иновациите и економскиот раст. Фокусот се става на глобалниот економски пејзаж, стратешка важност на критичните минерали, одбранбената технологија и иновациите и иднината на трансатлантските односи.

Политичкиот комитет се фокусираше на придонесот на европските сојузници во одвраќањето и одбраната и на тековното префрлање на товарот во рамките на Алијансата, клучна дебата и за евроатлантската безбедност и за ефективната трансатлантска распределба на товарот.

Комитетот за наука и технологија го анализираше финансирањето на екосистемот за одбранбени иновации на Алијансата и начините за поефикасно отклучување на капиталот, особено за новите членки и оние кои развиваат одбранбена технологија со двојна намена, што е клучно за одржување на технолошката предност на Алијансата. Парламентарците дадоа важни и конкретни идеи за начините на кои законодавството и политиката можат да придонесат за поттикнување на динамични и одржливи иновативни екосистеми.

На Постојаниот комитет се водеше дебата по петте предлог-резолуции (кои беа едногласно усвоени), предлог-Буџетот за 2027 година и предлог-измените на Деловникот на ПС НАТО. Како најзначајна измена е воведување на пошироко членство во Интерпарламентарниот совет НАТО-Украина, односно секоја делегација ќе може да номинира по еден член и еден заменик-член, со што ќе се постигне диверзифицирана работа, транспарентност и инклузивност од целото парламентарно собрание.

Пред почетокот на Годишната сесија беше организирана Работилница наменета само за парламентарците од земјите-членки, на тема:” Од инвестиции до дивиденди: Обликување на дискусиите за трошоците за одбрана”.

Оваа година, наградата на ПС НАТО “Жени за мир и безбедност” и` беше доделена на Маја Санду, претседател на Република Молдавија, која по тој повод имаше почесно излагање на пленарната сесија.

По завршувањето на сесијата, шефот на Делегацијата Драган Ковачки ќе учествува на Берлинскиот форум за надворешна политика, заедно со останатите поканети шефови на делегации на ПС НАТО како специјални гости. Форумот е организиран од Министерството за надворешни работи на СР Германија.

 

*****

ПС на НАТО е мултилатерално парламентарно собрание основано во 1955 година како консултативно собрание на НАТО и денес истото обединува 281 парламентарци од 32-те земји членки на НАТО; парламенти-кандидати за членство; парламенти – партнери за сеопфатна безбедност и парламенти – партнери за стабилност, делегациja од Европскиот парламент и од други меѓународни организации. Собранието воспоставува суштинска врска меѓу НАТО и парламентите на НАТО нациите, обезбедува поголема транспарентност на политиките на НАТО и придонесува да се зајакнат трансатлантските вредности на Алијансата.

Парламентарното собрание претставува критички форум за меѓународен дијалог на парламентарци за стратешки и безбедносни теми од заеднички интерес на НАТО.

 

фото Собрание