Министерот за правда, Никола Тупанчески, оствари средба со министерката за правда на Србија, Маја Поповиќ, на маргините на самитот „Отворен Балкан“, кој се одржа во Белград.

На средбата присуствуваа и Ливија Павичевиќ, државен секретар во Министерство за правда, и Дејан Царовиќ од Управа за извршување кривични санкции на Србија.

Министерите се договорија да одржат заедничка конференција, на која ќе се разменат искуства и решенија од двете соседски земји во врска со правосудниот систем.

Посебен акцент ќе се стави на дигитализација во судството, начинот на избор на судии и јавни обвинители, изнаоѓање решенија за подобрување на условите во казнено-поправните установи, како и извршување алтернативни мерки.

Тупанчески и Поповиќ разговараа и за соработката меѓу двете држави во пресрет на почетокот на преговорите на нашата држава со Европската Унија. Договорено е во наредниот период да се интензивираат консултациите и размената на искуства со цел да се забрзаат реформите во евроинтегративните процеси.