Инспекциските служби на Државниот инспекторат за труд се постојано на терен за да утврдат како се спроведува законското решение со кое недела стана неработен ден за работниците, рече министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, во интервју за електронскиот медиум Фронтлајн.мк. Таа посочи дека за само два месеци ДИТ направи 347 надзори. Од изречените мерки најголем број се за работодавачи кои не го известиле ДИТ дека работниците ќе работат во недела.

„Инспекторатот е дел од исклучоците опфатени со Законот, за да може да контролира колку од работодавачите не ги почитуваат одредбите од Законот. При направените 347 надзори, констатирани се 56 неправилности, со што се издадени 56 инспекциски мерки – опомена за 56 правни лица кои не го известиле ДИТ дека ќе работат во недела. По решението за опомена тие доставиле известување дека ќе работат во недела. На 14 работодавачи им се изречени инспекциски мерки – забрана за вршење на дејноста во рок од 15 дена, согласно казнените одредби од Законот за работни односи. Според податоците од ДИТ, до сега 44 работодавачи кои работеле во недела имаат исплатено додаток на плата за работа во недела, а 5 работодавачи не го почитувале законско решение и против нив се поднесени прекршочни санкции согласно Законот за работни односи, рече министерката Тренчевска во интервјуто за „Фронтлајн.мк“.

Според министерката Тренчевска инспекторатот на ДИТ и понатаму интензивно ќе биде на терен бидејќи недела треба да биде денот кога работниците ќе се посветат на своите семејства и пријатели.

Со новото законско решение 92% од работниците не работат во недела, 8 % кои работат во недела во дејностите каде што процесот на работа не дозволува да биде прекинат, за својата работа добиваат 50 % повисока дневница за сите работни часови , а работниците кои работат во трговските дејности, добиваат дневници поголеми за 100%.