Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на покана на федералниот советник во Одделот за правда и полиција на Швајцарската Конфедерација, Карин Келер-Сутер, како и на Државниот Секретаријат за миграции на Швајцарската Конфедерација, предводеше делегација во работна посета на Берн, а по повод потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу Владата на Северна Македонија и Швајцарскиот Федерален совет за воспоставување на партнерство за миграција.

Федералниот советник Келер Сутер на денешниов работен ручек му посака добредојде на министерот Спасовски и изрази задоволство што со денешното потпишување на Меморандумот во делот на миграцијата се продлабочува нашата соработка на едно повисоко ниво дополнително остава простор за соработка во повеќе сфери од полициската работа.
Министерот се заблагодари за поддршката што Швајцарската Конфедерација и ја дава сите изминати години на РСМ и покрај големиот број на предизвици со кои се соочивме.

„Пријателските односи меѓу Република Северна Македонија и Швајцарската Конфедерација се базираат на конструктивна соработка, политички дијалог и взаемна поддршка на билатерален и мултилатерален план. Определбата на Република Северна Македонија за соработка, пријателство и добри односи, меѓу другото, е изразена и со приоритетниот интерес за приклучување во европските и евроатланските структури и другите регионални асоцијации, како и развој на сите видови соработка, пред сè од областа на внатрешните работи”, истакна министерот Спасовски оценувајќи ја досегашната билатерална соработка меѓу двете министерства како плодна и отворена, со уверување дека истата ќе продолжи да се развива со зголемен интензитет.

По средбата, министерот Спасовски и неговата колешка Келер-Сутер го потпишаа Меморандумот за разбирање помеѓу Владата на Северна Македонија и Швајцарскиот Федерален совет за воспоставување на партнерство за миграција, по што следуваше изјава за швајцарските медиуми од страна на министерот Спасовски.

„Склучувањето на овој Меморандум ќе придонесе за унапредување, продлабочување и проширување на дијалогот во областа на миграцијата, особено со оглед на фактот што тој нуди можност за воспоставување на редовен и постојан дијалог и заеднички процес за зајакнување на соработката во областа на миграцијата, односно управувањето со миграциските текови, реадмисија, помош при враќање и реинтеграција, превенција на нелегалната миграција, борба против криумчарење мигранти и трговија со луѓе, соработка во областа на едукација и обука, односи со дијаспората и интеграција и уште неколку други области релевантни за градење капацитети во менаџирањето на миграцијата и движењето на населението помеѓу двете земји”, истакна министерот Спасовски во својата изјава за швајцарските медиуми.