Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање, како одговорна институција за климатските промени, се силно посветени на справување со климатските промени и ефективно спроведување на Законот за климатска акција штом ќе биде усвоен, рече во својот говор, министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова на третиот форум за социо-еколошка трансформација кој се одржува во Скопје, а учесниците разговараат за можностите, но и предизвиците кои се последица на преминувањето од конвенционален енергетски систем кон систем на чиста енергија.

– Ова, меѓу другото, би значело дека ние сме посветени на континуирано градење капацитети за климатски активности, насочени кон сите засегнати страни, владини и локални самоуправи, јавниот и приватниот сектор, граѓанските организации, младите, ранливите групи, меѓу кои силната соработка е од суштинско значење. Имаме докажани партнери во научни институции, чие знаење дополнително ќе биде искористено во исполнувањето на нашите амбициозни климатски цели. Нашата генерација е сведок на катастрофалните влијанија на климатските промени на глобално ниво и на сите сектори, од инфраструктурата до безбедностата на храната и здравјето на луѓето, потенцира Шукова.

Министерката Шукова ја потврди отвореноста за соработка и размена на добри искуства, позитивни лекции и експертиза помеѓу нашите градови и општини и нивните партнерски градови од ЕУ справувањето со климатските промени и климатскиот позитивен развој, особено во делот со управување со отпадот.

Социо-еколошкиот форум е во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Меѓународниот центар „Олоф Палме“ и Прогрес – Институтот за социјална демократија.