Во обраќање пред присутните граѓани на вечерашниот митинг во Струмица, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, изјави дека во земјата постои само една социјалдемократска опција, посочувајќи на јавната поддршка на ЗНАМ и нивниот претседател на Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ.

„Јас постојано говорев дека тој политички субејкт е направен единствено и само за лична корист и поддршка на ВМРО–ДПМНЕ. На истиот начин како што беше направен и политичкиот субјект НСДП во 2006 и Демократската Алтернатива во 1998 година. Последниве два што ги спомнав едниот не постои, а другиот е минорен коалиционен партнер на СДСМ. Бидејќи на крајот сите се враќаат таму од каде што потекнале. Затоа што предавникот не што не го сакаат дома, најмалку го сакаат таму кајшто отишол да предаде. Ќе ги гледате овие од ЗНАМ кога ќе ги стават во последна клупа во Собрание после 8 мај и со наведнати глави, не што ние нема да им правиме муабет, овие од ВМРО помалку ќе им прават муабет. Но на крајот и тие и нивните поддржувачи и оние кои се сѐ уште во нашите редови и кои што ликуваат на резултатот кои тие го освоиле, а нивните другари со кои седат на маса не го освоиле, на крајот ќе се соочат со реалноста. Ќе бидат отфрлени ќе бидат заборавени и на крајот, повторно ќе треба да се вратат во СДСМ, како стожерна, најсилна и најголема и единствена социјалдемократска партија во Македонија“, вели претседателот на СДСМ, Ковачевски.

Ковачевски упати апел до граѓаните да размислат убаво за кого ќе гласаат на 8 мај и да не дозволат ниту ВМРО, ниту ЗНАМ, ниту било кој друг да си игра со иднината на нашите деца.

„Немаме никакво право нив да им го ускратуваме она што го имаат нивните врсници од Европа. Ние немаме право да донесеме одлука со која ќе продолжи праксата родителите да мора во автобуси со своите деца да одат во туѓи земји во туѓи градови, со туѓи пасоши и да живеат во земја од ЕУ“, посочи Ковачевски и побара масовна излезеност во среда и глас ЗА иднината на Македонија онаму каде што ѝ е местото, во Европската Унија.

„Доколку гласате ПРОТИВ се создава илузија дека некој некого казнува. Но гласањето ПРОТИВ е со краткотраен ефект, кој со себе носи опасност од долгорочни последици за иднината на Македонија. Затоа и Струмица и Македонија конечно треба да гласаат ЗА“, додава Ковачевски.

Претседателот Ковачевски им порача на присутните дека имаат историска должност и обврска заедно да обезбедат европска иднина за идните генерации и ги повика граѓаните да гласаат и да ја дадат својата поддршка за Стево Пендаровски и пратеничките листи на СДСМ и Коалицијата за европска иднина.