Официјална Москва денеска предупреди дека Европа ќе биде силно погодена во случај на ембарго на руската нафта, бидејќи тоа ќе го наруши енергетскиот биланс на континентот.

Во исто време, руското раководство укажува дека таквата одлука нема никакво влијание врз САД.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за новинарите дека прашањето за каква било забрана за увоз на руска нафта е многу сложена тема, пренесува Ројтерс.

Некои министри за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија се залагаат за воведување на нафтено ембарго како дел од дополнителните санкции против Русија, со цел да се казни Москва за настаните во Украина, додава агенцијата.

Информациите дека ЕУ размислува да се приклучи на американското ембарго за увоз на руска нафта, денеска го поттикна растот на цените на „црното злато“ за повеќе од 3%.