Јавниот обвинител Љубомир Јовески денеска беше еден од потписниците на договорот за интероперабилност меѓу Министерството за правда и групата институции: Министерство за внатрешни работи, Јавно обвинителство на Република Македонија, Државна комисија за спречување на корупцијата, Агенција за цивилно воздухопловство М-НАВ, Управа за финансиска полиција, Управа за финансиско разузнавање, Централен регистар, Царинска управа и Државна изборна комисија.

Платформата за интероперабилност овозможува електронска размена на податоци и документи меѓу институциите на стандардизиран, безбеден и унифициран начин.

„Употребата на информациските системи ќе овозможи сигурен пристап до информации за секого, каде било и на кој било уред“, рече министерот за правда Никола Тупанчески, според кого ИКТ-алатките и дигиталните решенија треба да го олеснат процесот и да се добие на ефикасност, ефективност и оперативност во работењето на вклучените институции.

„Ваквата размена на податоци ја зголемува ефикасноста при работењето и го зголемува задоволството од услугите кои се нудат како од судовите, така и од сите други државни органи и институции. Така на пример, МВР и Јавното обвинителство, како и останатите државни органи наместо физички со поднесување на секојдневно стотици писмени барања до судовите за добивање на податоци и информации од базите на податоци на судовите за што се троши огромно време, средства и други ресурси што се рефлектира и со одолговлекување на постапките преку Националната платформа за интероперабилност и веб-сервисите времето и потрошените ресурси ќе бидат сведени на минимум од само неколку минути и минимум ресурси и тоа бесплатно“, појасни претседателот на Советот за ИКТ во правосудството, Лазар Нанев.​