Започна летното сметање на времето, а многумина се прашуваат како менувањето на часовникот влијае на здравјето?

Менувањето на часовникот нема да создаде дополнителна дневна светлина, туку го поместува времето на изгрејсонце и зајдисонце, предизвикувајќи нарушувања во нашиот биоритам.

За некои, ова е само мала привремена непријатност, но за многумина сè уште предизвикува дополнителни негативни последици.

Некои студии покажаа дека, неколку дена по менувањето на часовникот, ризикот од срцев удар се зголемува, но главната и најширока последица е заморот кој влијае на многу аспекти од нашиот живот.

Меѓу најчестите нуспојави од поместувањето на часовникот е несоницата, која, покажаа истражувањата, најлесно паѓа на „ноќните птици“. Освен тоа, поместувањето на часовникот може да ја наруши хормоналната слика и да предизвика низа проблеми како главоболки, нервоза и депресија, но и да предизвика хроничен замор и чувствителност на временските промени.

Заморот може да ја намали продуктивноста и концентрацијата и да влијае на општата состојба на телото. Во крајна линија може да доведе до депресија, а докажан е и зголемен број на сообраќајни несреќи неколку дена по промената на часовите, што најверојатно е предизвикано од уморни и ненаспани возачи.

Иако сите овие последици кај повеќето луѓе поминуваат по неколку дена поместување на часовникот, зошто да не го олесните овој период и да ги избегнете тешкотиите во секојдневниот живот.

Совети за полесна транзиција на летно сметање на времето
Поставете го алармот за будење 15 минути порано од вообичаеното неколку дена пред да се смени часовникот. Исто така, одете на прошетка. Сончевата светлина помага да се прилагоди биоритамот.

Осум часа сон нека ви биде приоритет, а наутро задолжително појадувајте нешто здраво.