Научниците од Универзитетот Оксфорд развија вакцина против маларија која очекуваат да биде достапна следната година, откако тестовите покажаа дека обезбедува до 80 отсто заштита од смртоносната болест.

Вакцината има потенцијал да го промени светот.

Според научниците, клучно е тоа што е евтина вакцина и веќе има договор за производство на повеќе од 100 милиони дози годишно.

Добротворната организација Malaria No More рече дека неодамнешниот напредок значи дека „во нашиот живот“ децата би можеле да престанат да умираат од маларија.

Беше потребен повеќе од еден век за да се развијат ефективни вакцини бидејќи паразитот што предизвикува маларија, кој се шири со каснување од комарец, е исклучително сложен.

Тоа е мета која постојано се движи и ја менува формата во телото, поради што е тешко да се направи заштита.

Светската здравствена организација минатата година донесе историска одлука и ја одобри првата вакцина развиена од британската компанија GSK која ќе се користи во Африка.

Тимот од Оксфорд тврди дека нивниот пристап е поефикасен и дека новата вакцина може полесно да се произведе во многу поголеми количини.