Денеска во присуство на голем број верници беше осветен новоизградениот црковен храм Св. Константин и Елена во Општина Илинден. По тој повод се одржа заедничка Архиерејска литургија на која чиноначалствуваа Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и преосветениот Епископ Дељадровско-Илинденски г. Јоаким со повеќе свештенослужители.

За време на Архиерејската литургија новоизградениот црковен храм беше преполн со верници, меѓу кои присуствуваше и градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, на кој Архиепископот г.г. Стефан му додели Огличие за особен придонес во изградбата на овој црковен храм.

Голем придонес во изградбата на оваа црква даде формираниот Одбор за изградба, кој изминатите години успеа да обезбеди донатори, за денес овој црковен храм изгледа како што имаме можност да го видиме. Како донатори се јавуваат месното население и околните населени места, локалната самоуправа, локалната бизнис заедница како и МПЦ-ОА.

Инаку, изградбата на оваа црква е почната на 9 јуни 2012 година, кога беше и поставен камен темелник од страна на г.г. Стефан, поглавар на МПЦ-ОА, такашто овој ден е од особено значење како за црквата, така и за жителите од Општина Илинден.
Новоизградениот црковен храм се простира на површина од 400 метри квадратни и висина од 22 метри.