Поддршка на Уставните измени се последна шанса за опозицијата да учествува во носењето важни процеси за иднината на државата, смета министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој во гостување на Телма телевизија порача дека наместо посматрање од страна и критикување опозицијата конечно треба да се вклучи во процесот и учествува во историските одлуки за иднината на граѓаните.

„Мислам дека ова е последна шанса да опозицијата барем во еден важен историски момент да биде дел од носењето одлуки, а не од бегањето на страна и потоа жалење дека другите лошо ги решиле прашањата. Бидејќи ако не учествувате сами некој друг ќе ви ги реши прашањата, не може државата да остане со отворени проблеми. Така што најиронична позиција којашто можете да ја имате е токму тоа, не учествувате бидејќи е најбезбедно да не носите одлуки и по однос на јавното мислење и потоа само ги критикувате другите“, рече Османи.

Тој оценува дека ова однесување на опозицијата односно критикување без учество не носи резултати ниту позитивни рејтинзи од граѓаните. Според него граѓаните таквите слабости во политичкото однесување најлесно ги препознаваат и не ги прифаќаат. Напротив смета Османи, во клучните моменти за државата не им требаат луѓе кои следат туку предлагаат, учествуваат и решаваат.

„За жал кога се носат одлуки врз основа на анкети од јавно мислење тогаш вие не водите, тогаш вие следите. А најлошо е држава да има структури кои следат во критични и пресвртни моменти во развојот на државата регионот општо геополитиката на континентот“, рече Османи.