Семејното и родово базираното насилство не смее да остане затворено во рамките на семејството, ниту да се третира како индивидуален проблем. Тоа е сериозен општествен предизвик кој бара навремена реакција, системска заштита и координирано дејствување на сите надлежни институции. Токму овие прашања беа во фокусот на денешната панел-дискусијата на тема „Семејно и родово базирано насилство – од закон до пракса“, која ја организираше Општина Карпош, во рамки на програмските активности за унапредување на еднаквите можности меѓу жените и мажите.
Настанот, кој имаше за цел да поттикне отворена и суштинска јавна дебата, ги обедини претставниците на институциите, граѓанскиот сектор и стручната јавност, со заедничка цел – да се идентификуваат слабостите во практичното спроведување на законските решенија, да се разменат професионални искуства и да се предложат поефикасни механизми за превенција и заштита на жртвите. Панел-дискусијата официјално ја отвори градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, кој во своето обраќање ја истакна потребата од поголема институционална одговорност и активна вклученост на локалната самоуправа во справувањето со овој проблем.
- „Насилството не е само индивидуален или семеен проблем, туку сериозен општествен и социолошки предизвик, со директни последици врз безбедноста, здравјето и достоинството на граѓаните. Честопати, жртвите се соочуваат со страв од пријавување, институционални бариери, економска зависност и недоволна информираност за механизмите на заштита. Затоа е неопходно институциите да дејствуваат координирано и системски, а локалната самоуправа да има активна улога во подигнувањето на јавната свест, превенцијата и поддршката на жртвите“ – истакна Лукровски.
Градоначалникот нагласи дека Општина Карпош, преку политиките и програмските активности за еднакви можности меѓу жените и мажите, има јасна определба да ја мобилизира локалната заедница, институциите, граѓанските организации и Советот на Општината, со цел прашањето за семејното и родово базираното насилство да добие соодветно внимание и повисоко место на институционалната и државната агенда.
- „Како одговорна локална самоуправа, преку вакви иницијативи сакаме да поттикнеме поефикасни механизми за заштита и посилна општествена и граѓанска реакција. Нашата цел е да создадеме услови во кои секоја жртва ќе може навремено да побара помош, да биде слушната и да добие соодветна институционална поддршка“ – порача Лукровски.
Во дискусијата учествуваа Снежана Смилевска од Организацијата на жени на Град Скопје, која раководи со СОС-линијата и шелтер-центарот, Елизабета П. Петковска, самостоен стручен соработник во ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи – Град Скопје, Билјана Јеремиќ, началничка на Одделението за семејно насилство при СВР Скопје, Тиана Ивановска, психолог и гешталт психотерапевт, како и м-р Тина Васков, клинички невропсихолог и сопственик на центарот „Когниција“.
Преку различните професионални и институционални перспективи, панелистите се осврнаа на повеќе аспекти од проблематиката, почнувајќи од пречките со кои се соочуваат жртвите при пријавувањето на насилството, функционирањето на СОС-линиите и шелтер-центрите, па сè до постапувањето на полицијата и центрите за социјална работа, проценката на ризикот и потребата од итна заштита. Посебно внимание беше посветено на психолошкото, емоционалното, економското и контролирачкото насилство, кои честопати остануваат непрепознаени или недоволно пријавени, како и на долгорочните последици што ги остава насилната средина врз менталното здравје и психолошкиот развој на жртвите и децата кои се сведоци на насилство.
Во рамки на дебатата беше нагласено дека заштитата не треба да заврши со самото пријавување на случајот или напуштањето на насилната средина. Неопходно е да се обезбеди континуирана поддршка, која ќе опфати психолошка помош, социјална и економска сигурност, како и услови за повторно осамостојување и интеграција на жртвите во општеството. Значаен дел од средбата беше посветен и на улогата на граѓаните, семејството и непосредната околина во препознавањето и пријавувањето на насилството, како и на потребата од градење општествена клима во која нема да има толеранција за каков било облик на злоупотреба и насилство.
Преку активното учество и прашањата од присутните, дискусијата прерасна во поширока јавна дебата за реалните предизвици со кои се соочуваат жртвите, но и за можностите за унапредување на меѓуинституционалната соработка. Организирањето на ваков настан претставува дел од определбата на Општина Карпош да не биде само административен сервис за граѓаните, туку активен чинител во решавањето на значајните општествени прашања. Преку отворање јавен простор за аргументирана дискусија, поврзување на институциите и граѓанските организации и подигнување на свеста, локалната самоуправа испраќа јасна порака дека превенцијата од насилство и заштитата на човековото достоинство се заедничка одговорност.
Заклучокот од денешната панел-дискусија е дека законската рамка мора доследно да се применува во практиката, институционалните механизми да функционираат навремено и ефикасно, а поддршката за жртвите да биде континуирана и достапна. Општина Карпош и понатаму ќе ја актуелизира оваа тема преку своите програмски активности за еднакви можности, со цел зајакнување на локалните капацитети, поттикнување институционална одговорност и создавање заедница во која насилството нема да се премолчува, а секоја жртва ќе знае дека не е сама и дека постои систем на поддршка.
фото Општина Карпош