Денес, со воена свеченост се одбележа 13 Ноември, Денот на Инженерискиот баталјон од составот на 1.пешадиска бригада.
На свеченоста присуствуваа министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, директорот на Генералштабот бригаден генерал Орце Јордев, командантот на Командата за операции бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командантот на Првата пешадиска бригада бригаден генерал Дејан Чиплаковски, пензионирани генерали, поранешни команданти на единицата, претставници од Армијата и Министерството за одбрана и други гости.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски, упатувајќи честитки до сите припадници на Инженерискиот баталјон по повод Денот на единицата посочи дека денешниот празник се совпаѓа со Денот на ослободување на градот Скопје, што носи силна симболика – Ослободувањето го означува почетокот на изградбата на едно ново и слободно утре, а Инженерискиот баталјон со посветеноста и професионалноста е продолжение на таа визија, во насока на изградба на посилна Армија и побезбедна држава.
„Вие, припадниците на оваа единица сте меѓу оние кои ги создаваат условите за успешна реализација на армиските задачи. Од изградба и одржување на инфраструктурата, обезбедување проодност на патните правци и поддршка на вежбовни активности, до помош на граѓаните и локалните заедници. Токму затоа, инженериската поддршка е еден од темелите на секоја функционална и подготвена Армија“.
Министерот Мисајловски ги истакна и бројните активности на оваа единица ширум општините во државата, за подобро поврзување на населените места, пробивање, поправка и одржување на патната инфраструктура во руралните средини со цел полесен пристап и подобри услови за живот на локалното население со што уште еднаш покажаа дека Армијата е секогаш со граѓаните и подготвена да помогне таму каде што е најпотребно.
Командантот на 1. пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, во своето обраќање ја истакна важноста на одбележувањето на датумите кои нè потсетуваат како се сака и како се брани татковината и се нашата водилка во иднината. При тоа на припадниците на Инженерискиот баталјон им порача „Драги инженерци, бидете горди што сте дел од единствената инженериска единица во Армијата, продолжете да работите вредно и посветено и секогаш нека ве води вашето мото – “Секогаш напред“.
Командантот на Инженерискиот баталјон, потполковник Ласте Георгиев со гордост ја истакна професионалноста, посветеноста и значајната улога на припадниците на единицата во поддршка на Армијата и граѓаните, осврнувајќи се на реализираните задачи, обуки и вежби во изминатата година.
„Инженерискиот баталјон не гради само патишта, туку гради доверба, сигурност и иднина. Нашата најголема сила не е само во опремата, туку пред сè во нашиот персонал, неговото знаење, срце и посветеност, а патот на инженерецот е секогаш напред!“ рече потполковник Ласте Георгиев.
По повод Денот на единицата, беа прочитани наредби за унапредување и стимулативни мерки за припадниците на баталјонот кои постигнале високи резултати во работата. Како најдобар вод од составот на Инженерискиот баталјон е избран Првиот инженериски вод од Четата за општа инженериска поддршка.
За остварените резултати во повеќегодишната соработка, командантот на Инженерискиот баталјон им додели благодарници на претставниците од општините: Делчево, Јегуновце, Боговиње, Македонски Брод и Старо Нагоричане.
Во рамки на свеченоста беше реализирано дефиле и тактичко-технички збор на опремата и средствата со кои располага единицата.
Со одлука на претседателот и врховен командант на Вооружените сили, за ден на Инженерискиот баталјон е одреден 13 Ноември, како датум од историско значење на кој единицата е носител на традициите на инженериската бригада на Главниот штаб на Народноослободителната војска и Партизанските одреди на Македонија.
фото Канцеларија за воени односи со јавноста