Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денеска, одговарајќи на новинарско прашање во однос на енергетската криза и цените на енергенсите, изјави:

„Состојбата во Европа е жестоко алармантна. Кога зборувам жестоко алармантна, изгасени нуклеарни централи, низок водостој, ниски нивоа на гас во складиштата, цените на берзите се навистина историски највисоки, по 400–500, па и повеќе евра за мегават-саат. Истото тоа важи и за гасот. И тоа се случува во континуитет некаде од втората половина на август месец, сега сме, еве, веќе на средината скоро на ноември. И не само што не се смирува состојбата, туку и, напротив, се влошува, од ден на ден се зголемуваат цените. Вчера ја следев цената и утрово на гас, таа повторно отиде над 90 евра за мегават-саат, спадна негде околу 80 евра минатата недела, сега е повторно над 90 евра за мегават-саат. Што правиме ние? Ние сигурно, како Влада, односно АД ЕСМ, на јавниот повик на ЕВН Хоме ќе достави понуда којашто ќе биде со иста цена како минатата. Значи, нема да бара поскапување на цената. Така што тоа што се однесува до државата, ние ќе се трудиме да останеме на нула, односно да нема поскапување. Но тоа не можам сега да го кажам за приватните субјекти коишто учествуваат, тоа е нивна суверена политика, јас тука не можам сега да интервенирам. Но тоа коешто зависи од државата, ние направивме еден таков модел, којшто изминативе денови го разработувавме со АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ. Направивме еден бизнис-план со којшто нема да бараме покачување на цената на струјата, производот ќе биде по иста цена, зборувам како државни компании, државна компанија АД ЕСМ, и на крајот од 2027 година ќе целиме на профит којшто би го остварила оваа компанија. Таков е овој бизнис-модел којшто го креиравме и да видиме сега дали ќе функционира. Што се однесува до топлификација, тука се бара поскапување многу големо. Цената на гас е три пати поголема од минатогодишната цена за истиот период. Но и тука ќе се бориме да нема алармантно зголемување на цената, односно да биде во рамките на нешто што максимум, односно минимум, може да се издржи. И со тоа ќе бидеме земја со убедливо најниски цени на дизел и безоловниот бензин – горивата, и електричната енергија и затоплувањето во Европа. Така што наш приоритет е заштита на стандардот, но ситуацијата е жестока, ситуацијата е алармантна и не знам до кога ова ќе може да се издржи. Но до овој момент ние, со нашите механизми коишто ни стојат на располагање и креативни решенија, успеваме да се спротивставиме на овој удар.“