Нова револуционерна мерка во делот на работните односи. Веќе од почетокот на следната година, одредени дејсности и сектори ќе имаат седумчасовно работно време.

Веќе од 2025 година во одредени сектори ќе се воспостави работен ден од седум часа, односно работна недела од 35 часа наместо 40 часовна работна недела, но притоа платите нема да се намалат.

Ова денеска го најави вицепремиерот за економски прашања и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи во интервју за Слободен печат.

Битиќи рече дека веќе се започнати соодветни анализи, кои треба да финишираат кон крајот на декември.

„Веќе од 2025 година во одредени сектори ќе воспоставиме работен ден од седум часа, односно работна недела од 35 часа наместо 40 часовна работна недела, но притоа платите нема да се намалат линеарно како што некој мисли. Тоа е за да се подобри квалитетот на живот на работници. Во 2020 никој не веруваше дека недела ќе биде неработен ден и тоа е доказ дека ние политики ги имаме насочено кон граѓаните. Никој сега не зборува зошто 98 отсто од работниците кои работеа недела сега одмораат. Седум часа работен ден отвора шанси за нови работни места и ја зголемува продуктивноста. Тоа ќе биде во три сектори и ќе започне веќе од јануари следната година“ посочи Битиќи.

Зборувајќи за изборната програма на СДСМ, Битиќи посочи дека во програмата е предвидено во 2028 година просечната плата да изнесува 1.100 евра, но која ќе се зголеми за дополнителни 200 евра во првата година од влезот на државата во ЕУ, односно таа ќе изнесува 1.300 евра.

„Тоа се истите анализи со кои во 2020 предвидовме дека просечната плата во 2024 ќе биде 34.000 денари. Таа денес е 40.000 денари, иако годината не е сè уште завршена. Затоа велиме дека при самиот влез во ЕУ просечната плата ќе достигне 1.300 евра. Тоа е нешто што секој граѓанин го заслужува да го добие. Разликата меѓу нас и ВМРО ДПМНЕ е што ние ветувањата ги испорачуваме во пракса“, рече Битиќи.

Тој се осврна и на предизборното ветување на СДСМ за тоа што ќе се случува со минималната плата до 2028 година и по влезот на државата во ЕУ.

„Кога зборуваме за платите велиме дека минималната плата во државата веќе во 2028 година ќе биде на ниво од 600 евра, и тоа е нешто кое сметаме дека е квантен скок, кој што ќе донесе навистина праведен и правичен и солидарен начин, на вреднување на трудот во државата. Но, притоа одиме уште еден чекор понатаму и велиме, со влезот во Европската унија, минимална плата ќе биде 800 евра“, рече во интервјуто потпретседателот на СДСМ, Фатмир Битиќи.