Народната банка продолжува со постепено олеснување на условите за располагање со средствата на клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола, со цел да им се овозможи полесен пристап до нивните средства и непречено користење на банкарските услуги.
Денеска гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески и соопшти на јавноста три нови олеснувања, кои се однесуваат на проширување на мрежата за исплата на готовина, зголемување на лимитите за користење на платежните картички и располагање со приливите од плати, пензии и социјални трансфери.
- Од понеделник, 9 ноември, ќе бидат отворени шалтерите и во Тетово и Струмица, на кои граѓаните што немаат платежни картички ќе можат да подигнат до 20.000 денари. На овој начин, клиентите од овие градови и околните населени места ќе можат да ги подигнат средствата без да патуваат до Битола. Воедно, Народната банка ќе им излезе во пресрет на граѓаните од околните градови во Битола, а тоа се Прилеп, Ресен и Охрид, ќе организира автобуски превоз до филијалата на Алта Банка АД Битола, со цел и тие да можат да си подигнат своите пензии и социјална помош.
- Исто така, од следната недела, неделниот лимит за подигање готовина и плаќања на продажни места со платежните картички на Банката се зголемува од 10.000 на 15.000 денари.
- Третото олеснување се однесува на сите идни нови приливи од плати, пензии и социјални трансфери, коишто доаѓаат од институции или фирми кои имаат сметки во други банки ̶ нив граѓани ќе можат да ги повлечат во целост, без ограничување на износот. Во таа смисла, клиентите на Банката немаат потреба од отворање платежна сметка во друга банка, бидејќи ќе може да располагаат со пристигнатите приливи врз овие основи во целосен износ, со користење платежна картичка или подигање готовина преку отворените шалтери на Банката.
Инаку, исплатите на клиентите досега се одвиваат според утврдениот распоред. Како што знаете, од вчера започна исплатата на средствата на граѓаните коишто немаат платежни картички. Исплатата продолжува и во следните денови. Филијалата во Битола работи во две смени, а ќе работи и во сабота, 7 ноември. Исплатата на средствата на корисниците на социјална помош започна од денеска. Денес, во експозитурата во Битола беа услужени околу 660 клиенти. Просечниот повлечен износ по клиент вчера беше околу 19 илјади денари, а денес околу 16 илјади денари, што е очекувано поради пониските износи на социјални трансфери.
„АЛТА банка“ АД Битола продолжува да работи, не е во стечај и не ѝ е одземена дозволата за работа. Администрацијата е привремена мерка, која се применува до промена на сопственоста. Состојбата во Банката е добра, таа е ликвидна и висококапитализирана, со солиден квалитет на кредитното портфолио.
Средствата на клиентите остануваат на нивните сметки. Привремените ограничувања се однесуваат на начинот на располагање со средствата и се воведени со цел да се зачува ликвидноста на Банката и да се заштитат интересите на сите штедачи.
Народната банка континуирано ја следи состојбата и ги приспособува мерките во согласност со нејзиниот развој, при што приоритет останува уредното опслужување на граѓаните и заштитата на интересите на клиентите на Банката.
Народната банка ги повикува граѓаните да ги следат информациите објавени преку официјалните канали на информирање на Народната банка.
фото НБРМ