„Ние можеме и сега да се откажеме и да речеме, знаете што, многу е тешко и неправедно, ама нема да ја исполниме нашата цел да станеме членка на ЕУ. Треба да имаме предвид дека Србија и Косово по овој напредок во дијалогот ќе добијат ветер во грб за напредување, Црна Гора ќе добие ветер во грб, Албанија секако бидејќи немаат крупни прашања пред себе. Суштинското прашање е дали сакаме да останеме во категорија со земјите кои преговараат или да одиме со Босна и Херцеговина и Косово“ рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во „Студио 10“ на ТВ24.

То јдодаде дека не е прашањето дали тоа е праведно или во ред, туку дали сакаме да си го дозволиме тоа, кога картата за блокада сега е во наши раце.

„Патот кон членството во НАТО и патот кон членството во ЕУ бил секогаш послан со тешки одлуки, ние никогаш не сме рекле дека ќе биде лесно или едноставно. Ниту пак ова што ни се слушува е праведно. Ние самите бевме убедени дека тоа е последна обврска со завршувањето на Преспанскиот договор и знаеме сите со колкав отпор се соочи Бугарија кога ги отвораше овие прашања, затоа инсистиравме во преговарачката рамка да стои формулација во која што нема да има право Бугарија по менувањето на Уставот повторно да биде прашана дали продолжуваме со преговорите“ рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека втората меѓувладина конференција ќе се свика автоматски, без одлагање и без нови одлуки, како што беше договорено во преговарачката рамка и францускиот предлог.

„Ние поучени од таа лекција, дека не треба да дозволиме нови и нови условувања, ставивме во преговарчката рамка дека веднаш по промената на Уставот, по внесувањето на Бугарите, автоматски продолжуваме со втора меѓувладина конференција и тоа ни беше многу важно. Тоа ни беше суштински елемент на барањата во преговорите со Бугарија, Франција, Германија при изготвувањето на францускиот предлог“ рече Маричиќ.