Поранешниот министер за администрација и информатичко општество, Дамјан Манчевски преку социјалната мрежа Фејсбук информира дека се повлекува од политиката.

-Причината за тоа е дека прифатив ангажман во приватниот сектор, кој е неспоив со било каков политички ангажман. Како резултат на оваа одлука, покрај тоа што се повлеков од сите јавни функции кои ги извршував, поднесов оставка и од функциите потпретседател и член на Централниот одбор на СДСМ, напиша Манчевски.

Вели дека во политиката влегол кога било најтешко, а денес Македонија е на вистинскиот пат и според него, следат уште подобри времиња.

-Оваа моја одлука нема никаква врска со било која состојба во политиката. Таа е лична и само моја. Имав извонредна понуда за следен политички ангажман, за што сум неизмерно благодарен, но сепак се решив на овој чекор, напиша Манчевски.

Тој им се заблагоради на сите политичари од СДСМ со кои соработувал.