Прес конференција на Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ:

Почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓани

Голема благодарност до секој еден жител на општина Брвеница кој го даде својот глас за нашиот кандидат Стојанчо Радичевски, кој во својата програма вети подобра иднина, повеќе инфраструктурни проекти и нови улици, наспроти поделбите по етничка линија од страна на ДУИ, директно и индиректно поддржана во вториот круг од СДС, политичката партија Левица и ВРЕДИ.

Додека ние ја потенциравме силата на единството, за една Брвеница за сите, нашите опоненти максимално го искористија национализмот и повикаа гласањето да биде врз основа на етничка припадност, а не врз основа на програма, визија и проекти.

По овие избори, граѓаните, Македонци и Албанци, ќе очекуваат проекти, а не национализам. Ќе очекуваат резултати, а не демагогија за тоа од која политичка партија доаѓа градоначалникот.

За нас резултатот е повеќе од одличен, затоа што, споредено со последните парламентарни избори, имаме 1.300 гласови повеќе. Иако тоа не беше доволно за победа, ВМРО-ДПМНЕ бележи раст во бројот на освоени гласови.

Почитувани граѓани,

Во првиот круг од овие предвремени локални избори, апсолутно ги декласиравме нашите директни опоненти, СДС и политичката партија Левица, кои беа на четвртото и петтото место на изборите.

Жалиме што ВРЕДИ во Брвеница ја пропушти можноста да биде поразличен од ДУИ, исто како што се покажа и дека кандидатите на СДС и Левица беа тројански коњ во корист на ДУИ, за да ги трошат гласовите на гласачкото тело.

Сами против сите.

Го почитуваме резултатот, а волјата на граѓаните е неприкосновена.

Сепак, Брвеница нема да биде заборавена. Владата, предводена од премиерот Мицкоски, ќе продолжи да го помага и да вложува во развојот на Брвеница.