Црна Гора, по Србија, тукушто ѝ ја одзеде дозволата за работа на Alta Pay Group, sамо кај нас Мицкоски и Славески ги убедуваат граѓаните дека сè е во ред, напиша претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на социјалната мрежа Х. Во објавата, Филипче порача дека ништо не е во ред како што сакаат да претстават македонските власти и потсети дека СДСМ уште во декември минатата година предупреди за сомнежите поврзани со Алта банка, но Народната банка со месеци не преземала ништо.

„Ништо не е во ред. Уште во декември лани им рековме на граѓаните дека ова е пералница за пари на Вучиќ. До вчера Народната банка не мрдна. Со денови бараме реакција – дури денес прва реакција. Компаниите слободно да префрлаат пари. Граѓаните не можат. Луѓе без картички не можат да стигнат до своите пари бидејќи експозитурите не работат. Многу банкомати се празни, а на другите се чека со часови“, вели Филипче.

Претседателот на СДСМ посочува дека доколку навистина целта е заштита на штедачите, мора да им се овозможи непречено да располагаат со своите заштеди во целост, а не да се носат мерки со кои нивните депозити остануваат заробени.

„Ако се сака да се заштитат штедачите, треба да им се дозволи да си ги подигнат своите заштеди во целост. Не. Ова е мерка да се заштити капиталот на криминалците, на сметка на штедачите чии депозити се заробени“, истакнува Филипче.

Притоа, Филипче го повика гувернерот Славески да одговори колку пари Вучиќ префрлил во Македонија и дали тие пари останале тука или продолжиле кон Москва, нагласувајќи дека сега, кога ја презеле контролата, институциите не можат да се повикуваат на незнаење.

„Гувернерот молчи,колку пари Вучиќ префрлил во Македонија? Дали останаа тука или продолжија за Москва? Сега кога ја презедоа контролата, не можат да кажат дека не знаат“, наведува Филипче.

Тој додава дека доколку банката е во „одлична форма“, како што тврди премиерот Мицкоски, зошто тогаш им е запрена исплатата на граѓаните.

„Ако банката е во „одлична форма“, како што вели Мицкоски – зошто им е запрена исплатата на граѓаните?“, прашува претседателот на СДСМ.

Во објавата на социјалната мрежа Х, Филипче побара итна реакција од полицијата и обвинителството и порача дека институциите мора да постапуваат во интерес на граѓаните, а не да ја штитат власта.

„Итно да реагира полиција и обвинителството. Дадовте заклетва дека сте во служба на граѓаните, не на оваа мафија на власт. Ќе одговарате и вие ако продолжите да ја чувате оваа банда“, посочи Филипче.