Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, во гостувањето на Алсат ТВ го коментираше барањето на Стопанската комора за намалување на бројот на неработни денови, посочувајќи дека станува збор за истата логика со која Владата го условува зголемувањето на минималната плата со зголемување на продуктивноста.

„Две години на работниците им се вели дека за минималната плата треба да се договорат со работодавците, па потоа да се разгледува во Собранието. А сега Стопанската комора бара законски измени за намалување на неработните денови. Ако толку се грижат за работниците, нека разговараат прво со синдикатите и со работниците. Не може продуктивноста да се претставува како морална особина на работникот. Таа зависи од технологијата, менаџментот, организацијата и условите за работа.“

Мециновиќ посочи дека наместо дополнително да се зголемува товарот врз работниците, Левица ќе предложи скратување на работниот ден од осум на шест часа.

„Ако Стопанската комора бара повеќе работа од работниците, ние ќе поднесеме закон за кратење на работниот ден на шест часа од осум часа. Ова го правиме како одговор на Стопанската комора.“

Според Мециновиќ, ваквите барања се последица на односот на Владата кон работниците и на нејзината блискост со интересите на крупниот капитал.

„Вистината е дека Стопанската комора е повлијателна во услови на десничарска Влада. Десничарска Влада која се бори против синдикатите, не дозволува зголемување на минималната плата и не сака да ги реши договорите на определено време. Стопанската комора и ДПМНЕ се во истата приказна – кога треба да се зголеми платата, проблем е продуктивноста, а кога треба работникот да работи повеќе, повторно проблем е продуктивноста. Цената секогаш ја плаќа работникот.“