Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до ОЈО ГОКК – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, поднесе кривична пријава против тројца полициски службеници поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „малтретирање во вршење на службата“ по член 143 од Кривичниот законик.
На 29.07.2026 околу 05:05 часот во Охрид, пријавените, двајца полициски службеници од СВР Охрид и еден полициски службеник од Србија, при вршење на службени дејствија сопреле мотоцикл управуван од малолетник без дозвола, кој се обидел да побегне. Набргу го фатиле и кон него употребиле физичка сила, гумена палка и тврд предмет и му нанеле повреди на повеќе делови на телото.
По наредба на ОЈО ГОКК, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди достави барање до надлежната служба за внатрешна контрола при МВР на Република Србија за вршење службен разговор со српскиот полициски службеник. Одделот за внатрешна контрола против двајцата полициски службеници од СВР Охрид ќе поднесе предлог за поведување постапка за утврдување одговорност за кршење на работната дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работно место – суспензија.
фото илустрација