Незадоволен од резултатите од анкетата на агенцијата Брима, во која тој и неговата ВМРО-ДПМНЕ заостануваат во рејтингот зад СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев, опозиционерот Христијан Мицковски обвини дека тие се лажни. Тој во јавноста пласираше дезинформација дека оваа анкета е нарачана од страна на Владата, дека чинела 120 илјади евра и дека агенцијата што ја спроведувала не е истата онаа кредибилна агенција Брима од системот на Галуп.

Цивил медија и рубриката „Кратки нозе“ ги презентираше демантите од сите обвинети страни, од кои се гледа дека нарачател на анкетата е Слободен печат, а не Владата, како и тоа дека Брима е истата Брима која со години спроведува анкети во земјава.

Но затоа пак, во „Кратки нозе“ бараат одговор кој стои зад анкетите на речиси анонимни организации што се појавуваат само пред избори, како што се Организацијата за граѓански активизам и независност, или на институтите Димитрија Чуповски и Павел Шатев.