Го правиме она што цел свет го прави во криза, финансиски силно ги поддржуваме граѓаните и компаниите, вели во интервју за МИА, премиерот Димитар Ковачевски.

„Ова сите го прават сега во светот и се спремаат и антикризни мерки и ги адаптираат своите политики како федералните резерви на САД така Европската Централна Банка и другите банки. Ние како одговори на кризата направивме пакет на антикризни мерки, 26 беа донесени коишто се со вредност од 400 милиони евра и коишто значат намалување на ДДВ и на акцизата кај горивата и намалување на ДДВ кај електричната енергија, издвојување на финансиски средства за најранливите категории на граѓани, за 35 илјади граѓани, три месеци по илјада денари, носење на пакет мерки преку Развојната Банка за одржување на ликвидноста на компаниите, ограничување на маржите на прехранбените производи во мало и големопродажбата. Зајакнување на контролите во однос на злоупотреба на пазарна позиција од страна на одредени продавачи бидејќи државата треба да биде тука за сите кога е најтешко и не смее да дозволи никој да ја злоупотреби својата пазарна положба кога можат да се јавуваат шпекулации на пазарот.“ вели Ковачевски за МИА.

Премиерот Ковачевски додадва дека владата внимателно го следи сите случувања со кризата, се прават соодветни проценки и се преземаат соодветни чекори. Сите сценарија кои меѓународните финансиски институции ги разгледуваат.

„Во овој момент сите меѓународни финансиски институции со оглед на кризата, воената агресија што се случува врз Украина, прават нови проценки за тоа колку тоа негативно ќе влијае на растот на светската економија, на американската економија, на европската и нормално на економиите коишто се поврзани меѓу себе секако дека ќе има негативни последици и тоа ќе зависи од сценариото врз основа на коешто ќе се развива оваа криза. Постојат три сценарија: едното е деескалација кога би имало и најмал пад на светската економија, второто е продолжен конфликт кога би имало пад на светската економија меѓутоа со поголем интензитет, и најлошото сценарио е доколку ескалира сево ова уште повеќе во Украина, тогаш би имало и негативни стапки на раст на светската економија. “ вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА.