„Предвидено е да продолжи усогласувањето на минималната плата со просечната и трошоците на живот, соодветно на системското утврдено решение. Предвидени се и зголемувањата на платите во образование, како и зголемувањето на пензиите по новата утврдена методологија кое зголемување треба да се случи првиот квартал идната година.За пензионерите за следната година се издвоени дополнителни 120 милиони евра повеќе од 2022 или вкупно 1.2 милијарди евра за пензиите кои што се зголемени“ рече премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција.

Тој додаде дека за плати во јавната администрација во 2023 година се планирани 570 милиони евра, додека за здравството како систем издвоени се 685 милиони евра.

„Во 2023 продолжуваме со инфраструктурни проекти кои ќе нѐ поврзат и внатре во земјата, и со регионот но и со Европа и ќе обезбедат побрз економски раст и развој генерално, но и подобри услови за развој на компанииите и бизнисот. Продолжуваме со изградба на Железничкиот Коридор 8, изградба на клучни автопатски делници, рехабилитација на локалните улици, изградба на социјални станови, продолжуваме со проектот за гасификација на државата“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека продолжуваат и капиталните инвестиции во земјоделството со кои ќе се обезбеди зголемено домашно производство на храна, поддршка на земјоделците и поддрка за модернизација на земјоделството.