„ЕУ треба да покаже посветеност и да усвоиме рамка за завршување на преговорите и полноправно членство на Северна Македонија и земјите од Западен Балкан до 2030 година“ изјави премиерот Димитар Ковачевски на Лидерскиот самит на Западен Балкан на Европските социјалисти и демократи во Виена.

Тој додаде дека ако има цел, таа ќе биде остварена бидејќи нема недостижна цел.

„Членството во ЕУ не е цел сама по себе, туку геостратешка и безбедносна цел за цела ЕУ. Патот до ЕУ не е лесен, потребни се одлуки и реформи кои сме подготвени да ги направени. Но на крајот на секој тежок пат треба да има цел, а тоа овој пат е членството во ЕУ“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека Северна Македонија плати голема цена за да почне со преговорите со ЕУ, кои се неспоредливи со останатите земји доколку се погледнат Копенхашките критериуми.

„Нема друга земја која има направено потешки одлуки. Го променивме името со цел да станеме членка на НАТО и да започнеме преговори со ЕУ, но пред две години ЕУ не испорача. Прогресивните политичари во земјата загубија политички кредит поради таквите одлуки, а ЕУ не испорача“ рече Ковачевски.