Во интервју за МИА мандатарот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски одговара на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски дека новата Влада нема легитимитет.

„ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски очигледно не се добро запознаени со уставот и законите во земјата. Новата Влада не само што има легитимитет, туку има проширено и стабилно мнозинство во Собранието. Оттаму, Владата има полн легитимитет да ги носи сите одлуки и ја спроведува владината програма“ вели Ковачевски.

За него ваквите обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ се само недостаток на други аргументи и додава дека тоа не го загрижува.

„Мене тоа воопшто не ме загрижува, сега сум целосно фокусиран да прикажеме резултат, а уште повеќе добро да ги изменаџираме сите кризи кои ни претстојат со цел економска стабилизација и развој. Тоа е одговорно владеење и однос кон граѓаните.“ вели мандатарот и претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски.