Претседателот на Владата Димитар Ковачевски ја прими амбасадорката на СAД Кејт Мари Брнз и разговараа за ситуацијата во Украина при што истакнаа дека воената агресија на Руската Федерација на една суверена земја е сериозна закана за мирот и безбедноста во Европа и во светот која како таква ја оцени огромен дел од меѓународната заедница.

На средбата беше истакнато дека во ова време на кризна состојба во светот вредноста и придобивките од членството на Република Северна Македонија во НАТО, и од стратешкото партнерство со САД се од исклучително значење.

Премиерот Ковачевски во разговорот со амбасадорката Брнз ги презентираше мерките на Владата за справување со последиците од економската и енергетската криза, кои дополнително се усложнуваат со војната во Украина, и истакна дека станува збор за сеопфатни мерки таргетирани да ја заштитат социјалната сигурност и стандардот на граѓаните, како и да обезбедат стабилни услови за работа на компаниите.

Амбасадорката Брнз нагласи дека сегашната безбедносна криза во Европа укажува на потребата од континуиран фокус на регионот и на Северна Македонија, вклучувајќи ја и Европската интеграција на земјата.