Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска рече дека го исполнила ветувањето дадено кон Филхармонија и обезбедила соодветен простор за Националната установа Џез оркестар. Сега, како што даде министерката, чесен епилог на сево ова е – извинувања кон јавноста и публиката од директорката и управниот одбор на Филхармонија, со оглед дека се адаптира државен имот за новата национална установа, за што биле неопходни неколку етапи и владини седници.

-Невистините, манипулациите и заканите продолжија и откако на владина седница ја дополнивме одлуката, допрецизирајќи и нагласувајќи дека Џез оркестарот времено, до своето законско оформување, ќе биде во дел од просториите на Филхармонија. Поединци, користејќи се со полувистини, на сите манипулации ја дотурија и таа дека „заради нивното спротивставување и борба за зградата на Филхармонија“ јас сум им испратила инспекција. Вистината е далеку од тоа. Се работи за редовна комуникација на службите од Министерството за култура со Националните институции, и тие не се инспектори. И уште една полувистина – посебната сметка на Филхармонија е блокирана?! Не е точно. Вистината е дека , заради подобра евиденција и искористеност на секој денар во културата, од пред неколку месеци побарав сите Национални установи да достават прецизен план каде ќе бидат искористени тие средства. Ако отчетност бараме од другите корисници, зошто не би ја барале и од Националните установи, кажа Костадиновска Стојчевска.

Таа повтори дека новоформираната Национална установа Џез оркестар , со одлука на Владата, добива посебна адреса и простор.
-Верувам дека вработените во Филхармонија ќе си останат на зборот дека нивните колеги од Џез оркестарот ќе можат да ги одржат своите генерални проби и концерти во зградата на Филхармонија. Во исто време, ги повикувам сите вработени во Филхармонија да ги запрат протестите и да се вратат во нормалниот ритам на работа, да се посветат на творештвото и да дадат придонес во нормализација на односите. Тоа сите и го должиме на публиката. Да го дочекаме големиот Мехта достоинствено. Ова е крај на манипулативните и непотребно создадени тензии меѓу колеги музичари. Не сакам да навлегувам во тоа кому и зошто му беа потребни, но тие тензии се создадени и прават штета. Сите имаме одговорност да создаваме решенија. А тие што одбиваат да градат мир, чесно е да се повлечат. Претседателот на Синдикатот на Филхармонија се надевам дека ќе има минимум доблест на јавноста, но пред сè на своите колеги, да им се извини за сите пласирани манипулативни соопштенија во кои немаше ниту грам синдикализам, а уште помалку култура и со тоа креираше погрешна слика во јавноста дека музичарите се нетрпеливи и тесногради едни кон други, истакна Костадиновска Стојчевска.