Денес, во Општина Битола, се одржа конститутивна седница на Советот за женско претприемништво, кој има за цел да ги претставува и застапува интересите на актуелните и потенцијални жени претприемачки во општина Битола преку давање на мислења и препораки за прашања од интерес на женското претприемништво и еднаквите можности, креирање на планови, стратегии и политики за поддршка на жените претприемачки и економско зајакнување на жените. На конститутивната седница, за значењето на женското претприемништво, говореа координаторката за Пелагонискиот регион на националната платформа за претприемништво, Даниела Цветановска и правниот советник Талија Петреска. Присутните членови на Советот, ги поздрави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, посакувајќи им успешна работа:

„Сигурен сум дека, сите вие кои се пријавивте на јавниот повик на општината за членки на овој совет, имате силна визија и верувате во успешната поддршка која може да ја даде ова тело за економското јакнење на жената, затоа што познавајќи ве и самите сте добар пример за големите достигнувања на женската ангажираност во областите во кои работите или дејностите кои ги менаџирате.
Преку споделување на Вашите знаења, искуства, идеи и иницијативи, очекувам општината да даде поттик и поддршка во застапувањето на интересите на актуелните и потенцијалните жени претприемачки во Битола, а преку програмите и плановите кои ќе ги донесете, заедно да овозможиме економско зајакнување на жените“, рече градоначалникот Коњановски во своето обраќање.

Претседателката на Советот, Габриела Илиевска, која е и претседател на комисијата за еднакви можности меѓу жените и мажите, потенцираше дека очекува активност и остварување на планираните цели:

„Многу е важно планираните цели да не останат само на хартија. Поддршката од комисијата за еднакви можности, никогаш не била спорна и нема ниту да биде. Се надевам дека во периодот што следува, ќе имаме почести средби, почеста комуникација и делување со кое ќе ги оствариме целите“, рече претседателката на Советот, Илиевска.

Членовите на Советот за женско претприемништво, за претседателка ја избраа Ана Ристевска, сопственик и управител на Јавен Адвертајзинг Битола, а за заменички беа избрани Оливера Пандаревиќ и Моника Марковска.

„Преку советот за женско претприемништво максимално ќе се залагаме за поттикнување на жените за учеството во бизнис секторот како основачи на фирми и да ги искористуваат сите можност за поддршка. Сметам дека формирањето на овој совет е клучно за Пелагонискиот регион, бидејќи не само што придонесува за задржување кадри, туку и го поттикнува општествениот напредок преку искористување на женските вештини и иницијативи. Максимално ќе се залагаме лично јас, а и сите останати членови од советот да ги оствариме првично зацртаните цели и да создаваме нови можности за поттикнување на жените од најразлични области и возрасни категории“, рече Д-р Ана Ристевска, сопственик и управител на Јавен Адвертајзинг Битола.