Скопското средно училиште „Димитар Влахов“ од денес има модерен фризерско козметички кабинет, наменет за практична настава на учениците од струката – лични услуги. Постојните простории се целосно обновени и опремени со инвестиција од околу 3,5 милиони денари која ја обезбедија Министерството за образование и наука, Градот Скопје и училиштето.
На пуштањето во употреба на кабинетот за практична настава, присуствуваше државниот секретар во МОН, Елена Ивановска која изрази уверување дека образованието на учениците во овие простории ќе им биде интересно, затоа што ќе работат во реални услови и ќе стекнуваат и надградуваат квалитетни вештини со кои ќе можат понатаму да бидат препознатливи и успешни професионалци во својата област.
„Верувам дека овој пример ќе биде поттик и за останатите општини и стручни училишта да продолжат да инвестираат во унапредување на образовните капацитети и во создавање современи услови за практична настава, а министерството секако ќе продолжи да ги поддржува согласно буџетските можности“, рече Ивановска.
Потенцираше дека стручното образование е во подем и денес е силната страна на македонскиот образовен систем. Атрактивно е за младите, затоа што гледаат можност за брз и успешен настап на пазарот на трудот, а на оние кои сакаат академски да се надградуваат – им дава добра основа за тоа.
„Оваа година, од 16.000 ученици скоро 11.400 ученици се запишаа во прва година во средните стручни училишта, над 70% од генерацијата и тоа е нотирано и во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, како една од остварените цели од Реформската агенда. Имаме 3.200 ученици во паралелки со дуално образование. Овие бројки се јасен показател за големиот интерес за стручното образование“, додаде Ивановска.
фото: Министерство за образование и наука