На 23.11.2026, под мотото „Хуманитарната дипломатија како инструмент за обликување на иднината на Црвениот крст на Република Северна Македонија и националниот хуманитарен систем“, се одржа тркалезна маса посветена на унапредувањето на хуманитарното дејствување, зајакнувањето на институционалната соработка и градењето поотпорно општество.
Настанот отвори значајна дискусија за идната улога на Црвениот крст во националниот хуманитарен систем и за важноста на хуманитарната дипломатија во поврзувањето на институциите, меѓународните организации, локалната самоуправа, академската заедница, волонтерите и корпоративниот сектор.
Во рамки на настанот беше потпишан договор за соработка и координација во случаи на кризи меѓу Црвениот крст на Република Северна Македонија, Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Меѓународната федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвената полумесечина. Договорот претставува значаен чекор кон унапредување на партнерството, координацијата и заедничкиот одговор на хуманитарните предизвици.
На настанот се обратија покровителот д-р Беким Сали, прв заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, генералниот секретар на Црвениот крст, д-р Саит Саити, министерот за одбрана м-р Владо Мисајловски, министерот за економија и труд м-р Бесар Дурмиши, пратеникот м-р Бојан Стојаноски, проф. д-р Оливер Бакрески, декан на Филозофскиот факултет при УКИМ, д-р Маја Стевкова Штериева, главен финансиски директор на АД Комерцијална банка, Славче Трпески секретар на Град Скопје како и претставници на други институции.
Преку различните перспективи и искуства беше нагласена потребата од посилна институционална поддршка, современа законска рамка, развој на волонтерството, градење отпорни заедници и унапредување на партнерствата како основа за ефикасен и одржлив национален хуманитарен систем.
Тркалезната маса потврди дека хуманитарната дипломатија не е само инструмент за застапување на хуманитарните потреби, туку и механизам за градење доверба, воспоставување партнерства, мобилизирање ресурси и влијание врз јавните политики во интерес на граѓаните.
За Црвениот крст на РСМ, иднината подразбира понатамошно јакнење на организациските капацитети, унапредување на волонтерството, развивање на партнерствата и активно учество во креирањето на националните политики за подготвеност, одговор и закрепнување од кризни состојби.
Заклучоците од дискусијата претставуваат основа за дефинирање конкретни следни чекори и продлабочување на соработката меѓу сите општествени чинители.