Најмладите од Јака, Општина Илинден од денес ќе можат да се забавуваат во нов детски парк чиешто хортикултурно уредување е донација од „Макпетрол“, а се реализира во рамки на проектот „Зелена Општина Илинден“.

-Компанијата Макпетрол повторно докажа дека е општествено одговорен член на заедницата, но и добар сосед кој се грижи за реалните потреби на своите сограѓани. Со оваа донација се овозможува подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, пришто крајниот бенефит ќе го имаат децата и нивните родители. Благодарни сме за оваа донација на Макпетрол која што треба да биде пример за тоа што значи да се биде одговорен кон средината во која што живееме – изјави градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски.

Хортикултурното уредување на новиот детски парк во Општина Илинден е дел од континуираните активности со кои што компанијата помага во справувањето со актуелните еколошки проблеми во земјата. Оваа донација, освен што на најмладите ќе им обезбеди зелено катче за дружба, ќе придонесе да се намали загадувањето на воздухот и да ги подобри условите за урбано живеење.

– Одговорноста кон општеството и поддршката за заедницата се стратешки цели на компанијата, а тоа значи и препознавање и вклучување во иницијативи кои што веруваме дека ќе го подобрат животот на граѓаните. Развојот на децата и на младите, исто така, секогаш се дел од нашите приоритети и со ова хортикултурно уредување на новиот парк во Општина Илинден сакаме средината во која што ќе се дружат и ќе се забавуваат, да биде поубава и попријатна – вели Горан Ангеловски, директор на дирекцијата за стандардизација, квалитет и екологија во „Макпетрол“.

Општина Илинден продолжува со реализација на проектот „Зелена Општина Илинден“ и ги поканува сите правни и физички лица активно да се вклучат и да дадат свој придонес во заедницата за поубав живот и почиста животна средина.