Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски истакна дека во тек е асфалтирањето на другата коловозна лента на булеварот „Борис Трајковски“ и дека до крајот на годината, скопјани ќе добијат целосно завршен, модерен и безбеден булевар.
– Се гледа крајот на 30-годишната сообраќајна голгота! Започна асфалтирањето на другата коловозна лента на булеварот „Борис Трајковски“! Генерации скопјани чекаа да се реши овој проблем. Повеќе од 100.000 граѓани секојдневно се соочуваа со гужви, нервози и изгубени часови во сообраќајот. Со години слушаа ветувања, а пред себе ја гледаа истата слика. Денес, таа слика ја менуваме со работа. Со асфалтирањето влегуваме во завршницата на оваа значајна сообраќајна делница. По 30 години чекање, булеварот „Борис Трајковски“ конечно го добива ликот што го заслужуваат скопјани – рече Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека за нешто повеќе од три месеци се решени проблемите што со децении го кочеа овој проект.
– Ја ослободивме трасата, изградивме нова атмосферска канализација и сега поставуваме асфалт. Зад секој од овие чекори стојат посветеност, одлуки и решителност да се заврши започнатото. Овој горлив проблем им беше познат на сите што претходно ја имаа одговорноста и можноста да го решат. Но, со децении изостануваше решителноста да се оди докрај. Граѓаните ја плаќаа цената на секое одложување, на секое оправдување и на секое неисполнето ветување. Презедовме обврска да ставиме крај на тоа чекање и денес, на терен, покажуваме дека зборот за нас има тежина. За мене, секој поставен метар асфалт е почит кон луѓето кои предолго чекаа. Кон работникот што брза на работа, кон родителот што го носи детето на училиште, кон секој човек што заслужува побезбедно и побрзо да стигне дома. Мојот народ заслужува дела и исполнети ветувања – нагласи Ѓорѓиевски.
фото видео Град Скопје