Општина Центар, во соработка со Центарот за асистивна технологија на здружението „Отворете ги прозорците“, обезбедува бесплатна и индивидуализирана стручна поддршка за деца и млади со различни видови попреченост и за нивните семејства.

„Силно го поддржуваме овој проект. Вложуваме во дигиталната инклузија бидејќи достапноста до интернет и дигиталните алатки значи полесна комуникација, учење и поголема независниост за нашите деца и млади. Интернетот е прозорец кон светот, а наша обврска е тој свет да биде достапен за секое дете и секој млад човек“, рече градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Во Центарот, секое дете добива поддршка приспособена на неговите способности, потреби и лични цели, со што полесно комуницира, учи, се вклучува во образованието и станува посамостојно во секојдневниот живот, велат од Здружението.

Асистивната технологија се избира и прилагодува за секое дете посебно. Стручниот тим ги приспособува компјутерот, софтверот и апликациите, за корисниците полесно да читаат, пишуваат, учат и работат.

Родителите добиваат совети и насоки како технологијата да ја користат и дома, со што поддршката продолжува и во секојдневниот живот.

Со оваа соработка, Општина Центар создава поголеми можности за децата со попреченост да ги развиваат своите способности, да стекнуваат самодоверба и да бидат поактивни и посамостојни.

фото Општина Центар