Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција обвини дека гувернерот Трајко Славески брза со продажба на акциите на Алта банка Битола со кратки и нереални рокови, за да го забошоти скандалот, криминалните одлуки и дилови.

„Гувернерот посегнува по некаква си продажба на акциите, иако вистината е дека не може тој да ги продава акциите, туку за тоа одлука треба да донесе тој кој што го управува стечајот на Алта банка во Белград, а тоа е Агенцијата за осигурување на депозитите во Србија“, рече Филипче.

Тој додаде дека средствата од евентуалната продажба би влегле во стечајната маса на банката во Србија и дека постапката бара време.

„Тие треба да ја донесат таа одлука за продажба на тие акции, затоа што парите од продажбата на тие акции ќе одат во стечајната маса на Алта банка во Србија. Сè до тоа не е возможно, како што најавува гувернерот, иако знаеме дека сака за да се обиде да ги забошити сите овие работи да се случи за десетина дена“, посочи претседателот на СДСМ.

Филипче праша со каков кредибилитет Славески сега најавува решение, по одлуката со која Алта банка влезе на македонскиот пазар.

„Се поставува прашањето како можат сега граѓаните на Македонија да му веруваат на гувернерот дека ќе донесе некаква друга добра одлука за продажба на оваа банка, имајќи предвид каква лоша одлука донел кога Алта банка влегувала на нашиот пазар. Па тој човек нема кредибилитет веќе“, нагласи Филипче.

Претседателот на СДСМ побара од Славески и од премиерот Христијан Мицкоски одговороност и праша дали имале средба со Мацура и дали на државни и јавни претпријатија им било укажано да ги префрлат сметките во банката.

„Имало ли средби со Давор Мацура на гувернерот Трајко Славески? Имало ли средби помеѓу гувернерот и Давор Мацура на кои што присуствувал и премиерот Христијан Мицкоски? Доаѓал ли тука со скап приватен авион Давор Мацура на такви средби? Ова се прашања кои што се многу важни“, рече Филипче.

Тој побара оставка од гувернерот и им посочи одговорност на Славески и на Мицкоски за состојбата со која се соочуваат граѓаните.

„Мора да прифатат дека имаат одговорност и Христијан Мицкоски, посебно Трајко Славески за редиците пред банкоматите пред банките. Затоа што во денешно време е недозволиво луѓето да не можат да си стигнат до своите пари заради лошите одлуки, дали случајни или намерни. Тоа времето многу брзо ќе покаже“, истакна Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање, претседателот Филипче потврди дека СДСМ ја подготвува интерпелацијата за гувернерот и дека таа ќе биде поднесена деновиве.