Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција, укажа дека додека земјите од регионот напредуваат кон членството во Европската Унија, Македонија стагнира поради погрешните политики на владата на Мицкоски и останува заглавена без никаков напредок на европскиот пат.
„Пред некој ден се формираше комисија која што веќе го драфтира договорот за прием на Црна Гора во Европската Унија. Каде сме ние? Заглавени во лагите на премиерот, во неговите анти-европски политики, во навредите кои што ги шири кон земји членки на Европската Унија и Европската Унија во целост, таму додека е на гости, обидувајќи се преку досегашните изговори, лажна кампања, лажни вести, да презентира дека тука има некаков напредок“, рече Филипче.
Тој додаде дека власта свесно не ги спроведува реформите, ниту пак презема чекори кои би овозможиле почеток на преговорите со Европската Унија,а за тоа е лично одговорен премиерот Мицкоски.
„Тука ништо не се случува, нема реформи и не се прави чекорот којшто е потребен за да ние ги почнеме преговорите со Европската Унија, да се отворат преговорите по поглавјата. Човекот кој што сега стави вето на пристапниот процес на Македонија во Европа, има име и презиме, се вика Христијан Мицкоски“, рече Филипче.
Во тој контекст, Филипче порача дека граѓаните не заслужуваат државата да биде изолирана додека соседните земји напредуваат, додавајќи дека Македонија е целосно изоставена од европските процеси.
„Граѓаните и државата тоа не го заслужуваат. Регионот оди напред, нас повеќе никој не нѐ спомнува. Во текот на вчерашниот ден еврокомесарката Марта Кос имала средба со грчкиот премиер Мицотакис и кажува дека се работи и дека има прогрес од Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија.Нас никој повеќе не нѐ спомнува благодарение на тоа што не води рускиот прокси играч Христијан Мицкоски“, нагласи Филипче.