Во рамките на месецот октомври, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје изготви вкупно 36 записници за лица и правни субјекти коишто се затекнати при непрописно одлагање кабаст отпад и градежен шут на булеварот Васил Чакаларов и улицата Руѓер Бошковиќ во општината Карпош, улицата Лазар Поп Трајков – во општината Гази Баба, како и на улиците Рајко Жинзифов и Борка Талевски – во скопската општина Центар.

Во текот на месецов, на крстосницата на бул. Никола Карев, како и на улиците Славеј планина и Џон Кенеди, Еко-патролата вршеше превентивен надзор на локациите каде што континуирано неправилно се одлага отпад на јавни и на сообраќајни површини.

Воедно, екипите на Претпријатието неделава подигнаа и транспортираа вкупно 30 кубни метри од неколку диви деонии лоцирани на улиците Воин Драшковиќ во скопската општина Ѓорче Петров, Серава и Џон Кенеди во општината Чаир, како и во близина на Македонска куќа во општината Карпош. Во оваа скопска општина, во моментов се одвиваат активности за отстранување обемна дива депонија лоцирана во реонот на Момин поток.