На 10.11.2026 година во 16:20 часот, на место викано „Црн врв“, во атарот на селото Калапетровци, штипско, полициски службеници од СВР Штип лишиле од слобода 19-годишен жител на Штип.
Според информациите од полицијата, претходно тој, заедно со 22-годишен жител на Штип и 14-годишен малолетник, исто така од Штип, извршиле бесправна сеча на огревни дрва. Дел од дрвата биле натоварени во патничко возило „фолксваген голф“, додека останатите биле наредени и подготвени за товарање и транспорт.
При полициското постапување, 22-годишниот маж побегнал од местото, додека 14-годишниот малолетник, при обид да избега, паднал и се здобил со тешка телесна повреда. Повредата била констатирана во Клиничката болница во Штип.
Возилото и огревните дрва биле предадени на Шумската полиција. За настанот е известен јавен обвинител, а по целосното документирање на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци.